Груевски: Мора да ја надминеме статус кво ситуацијата за членство во НАТО

Од:

Република Македонија ги исполнува реформите, а ги исполни и условите и критериумите за да стане членка на НАТО уште пред Самитите во Букурешт и во Чикаго. Осумдесет-деведесет проценти од народот во Македонија го поддржува членството во Алијансата и ги поддржува реформите и стандардите за кои сме поддржани од сојузниците.

Ова го истакна претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски во обраќањето на денешната пленарна седница, на последниот ден од 58.годишното заседание на Парламентарното собрание (ПС) на НАТО, што од 9-12 ноември се одржува во Прага.

– Македонија е придонесувач за светскиот мир со учество во мисиите на Алијансата и ќе продолжи така да се однесува се додека тоа е неопходно, подвлече Груевски.

Тој додаде дека тоа за Македонија не може да биде утеха бидејќи се уште тропа на вратата на НАТО, јави дописникот на МИА од чешката метропола.

– Подготвени сме да учествуваме во Авганистан и ќе продолжиме таму и по 2014 -та година, како и во нови мисии за тренинг и поддршка на авганистанските органи, потенцира македонскиот премиер.

Груевски истакна дека Македонија ги исполнува сите реформи на кои се обврза во јавната администрација, судството и напорите за борба со корупцијата, со цел да се подобри економската политика на земјата со привлекување странски инвестиции и за отворање нови работни места.

– Како и да е премногу долго трае подготвителниот процес за членство во НАТО.  Дури и Меѓународниот суд во Хаг потврди дека ние сме во право во врска со специфичниот случај, додаде шефот на македонската Влада.

Премиерот Груевски повтори дека Македонија и понатаму се обидува да ги надмине сите пречки и да ги подобри односите со соседите иницирајќи разни билатерални проекти.

– Тоа го правиме бидејќи сметаме дека подобрите соседски односи се од полза за целиот регион на ЕУ и НАТО, рече Груевски.

Тој изрази надеж дека Алијансата ќе упати покана за Македонија заслужено да стане нејзина членка.

– Очигледно е дека мора ургентно да ја надминеме оваа статус скво состојба, оцени Груевски.

Претседателот на македонската Влада изрази очекување на Самитот на ЕУ во декември, да бидат испочитувани четирите последователни препораки на Европската комисија и да биде одреден датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Европската унија.

На годинашниот состанок на Парламентарната асамблеја на НАТО учествуваа и претседателите на останатите актуелни земји-кандидати за пристапување во НАТО, на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Грузија Михаил Саакашвили и заменик претседателот на претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина  Божо Љубиќ.

На сесијата, покрај највисоките државни лидери на земјата домаќин се обрати и Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен кој рече дека вратите на Алијансата се отворени и трендот на прашкиот Самит на НАТО пред десет години, за пристапување на нови членки продолжува.

Расмусен, најголем дел од својот говор посвети на трендот на намалувањето на буџетите за одбрана на земјите членки, поради актуелната економска криза  и се заложи за спречување на нова т.н безбедносна криза.

Чешкиот премиер Петр Нечас во своето обраќање упати порака до Алијансата дека рестрикциите во буџетот кои ги прави Чешка нема да влијаат на одбранбените амбиции на земјата и оти земјата ќе ги исполни своите обврски од НАТО- членството.

Изминатите три дена 350 пратеници од 28 земји членки на НАТО од Северна Америка и Европа, како и делегати од земјите-партнери, набљудувачи и експерти се посветија и на ситуацијата во Украина, разговараа за постапувањето кон кризата во Сирија, како и за иранската нуклеарна програма и односите со земјите на северна Африка.

Состанокот на Алијансата во Прага се одржува по 10 години од Самитот на НАТО, кој во 2002 година се одржа во чешкиот главен град, кога беше одлучено да се поканат седум нови членки Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија и Словачка.

Би можело да ве интересира

ДУИ: Премиерот не е обвинител, ниту има право да ја злоупотребува својата позиција за политичка борба

Горан Наумовски

Во првите сто дена од новата влада Мицкоски најави проект во енергетиката, две инвестиции и проширување на други две

А1он

Џафери: Дали ќе одам во опозиција зависи од исходот на преговорите за нова Влада

A1on

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

A1on

Ковачевски му ја предаде функцијата на Џафери: Повика сите министри да работат во интерес на граѓаните

A1on

Ирскиот премиер Варадкар во посета на Македонија

А1он