Груевски: Лустрацијата е сојузник на асномска Македонија

Од:

Премиерот Груевски од Мечкин Камен посочи дека лустрацијата е процес кој е значаен за општеството и ја ужива поддршката од јавноста, и покрај сите обиди на некои структури да се спротивстават или да го оспорат.

Според него, неточна и невистинита е тезата дека наводно со лустрацијата се нарушувале принципите на асномска Македонија, „што во последно време некои критичари кои се засегнати од овој закон и од процесот, затоа што на тој начин се нарушува нивниот абнормален комодитет и стекнати позиции, но најмногу поради знаењето на фактот дека со овој процес на лустрација кој ние како Влада го поддржуваме, посочи, се рушат политичките позиции на партиите кои овие дежурни критичари ги поддржуваат“.

– Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога сака да ги расветли темните вилаети од нашата историја во кои без суд, а само со кодошлак беа уништувани судбини, не беа објавувани книги, беа следени луѓе, беа бркани луѓе од работа? Како може лустрацијата да биде против асномска Македонија кога гледаме сите од досиејата дека кодошите и службите го претставувале како грев залагањето за македонски национални права, за македонска култура, за македонскиот јазик, за македонското национално прашање, а тоа се токму придобивките и постулатите кои ние денес на овој ден ги славиме и им се поклонуваме? Како може лустрацијата да е против асномска Македонија кога кодошите ги кодошеле сите македонски национални дејци, автори, писатели, актери, режисери, општественици кои се залагале токму за принципите на асномска Македонија, наместо принципите за кои се залагале кодошите на кои подраго им било југословенството пред македонизмот, и кои сметале дека Трст е најбитен, истакна Груевски.

Претседателот на Владата упати порака дека лустрацијата не е против асномска Македонија, туку дека е најголем сојузник на асномска Македонија.

– Јас сум сигурен дека да би можеле денес неа би ја поздравиле сите оние кои учествуваа на АСНОМ во 1944, како врвен израз на силата на општеството и базирана на правда и на вредностите, рече тој.

Првиот претседател на АСНОМ Ченто, пак, подвлече Груевски, во една пригода ќе каже: Јас не жалам оти ќе умрам. Само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, туку затоа што идните поколенија треба да знаат како се одвивала борбата за нашата слобода и да знае кој и зошто гинел и кој што направил за неговата слобода.

– Ако тој крвнички режим го понижил, разболел и не му дозволил да остави свој пишан траг за нашата борба на првиот претседател на Републиката и творецот на асномска Македонија, денес ние не смееме да дозволиме некои структури да не дозволат демонтирање на тој режим и неговите последици и повторно некој да ги спречи идните поколенија да ја знаат вистината, како што не советувал и самиот Ченто пред 50 години, потенцира Груевски.

Со лустрацијата, истакна премиерот, се докажува дека ние имаме сила и развиено општество, и не се срамиме да ги истражиме тие темни авлии на режимот во минатото. Според него, тој процес е болен, но мора и ќе биде направен.

– Така ќе покажеме и докажеме дека ние имаме сила и имаме изградено институции во секоја сфера на општеството кои не зависат од никого, туку истрајуваат, а уште побитно ќе докажеме дека имаме силен темел кој не може да биде разрушен, рече претседателот на Владата.

Тој додаде дека ако може сите источно европски држави да ја направат, зошто не би можела и Македонија.

– Ние не сме ништо понеконкурентни од овие држави кои ја направија, и затоа и Македонија ќе ја направи до крај лустрацијата и од тој процес ќе излезе уште посилна и поединствена, ослободена од тежина, истакна Груевски.

Премирот се осврна и на проектот „Скопје 2014“, односно спомениците во централното градско подрачје.

– Тој проект за кој трпевме доста напади од структури во општеството кои заради гола политичка промоција си дозволија да сквернават таму каде што не треба, покажа дека бил исправен. Јас често пати кажувам дека еден ден кога со поминувањето на одредено време ќе дојде до спуштање на политичката прашина која се јави околу овој проект тој ќе биде вистински оценет и вреднуван, и тоа се случува, рече Груевски.

Според него, расте довербата и поддршката на проектот, и уште повеќе ќе расте, бидејќи, како што рече, не гледа причина некој да осудува или да го зема за неправо градењето на споменици на Гоце Делчев, кој е идеолог на македонската револуционерна борба, на Питу Гули, кој токму овде го даде животот за Македонија, на Карев, кој беше голем визионер и прв претседател, на Ченто, кој ја водеше национал ослободителната војна против хитлеровите орди, на АСНОМ, на ВМРО, на Крсте Петков Мисирков, Ѓорѓија Пулевски, Васил Чакаларов, на Кузман Јосифивски Питу и на останатите наши херои кои секој во својот историски момент се вложил во каузата и останал запаметен во нашиот ген.

– Се согласувам, ако во иднина некој од нашите наследници направи подобра работа, нека направи и јас ќе бидам среќен. Ако идните генерации Македонци кажат дека не сме биле во право што сме го величеле и направиле споменик на Делчев, Ченто, Карев, Питу, Груев, Кузман тогаш прифаќаме да бидеме запишани со црни букви, но не верувам дека ние ќе сме на црните страници, посочи премиерот.

Би можело да ве интересира

Џафери за новите автомобили: Лизингот е поевтино решение, ако останат во Владата одржувањето ќе биде скапо

Орце Костов

Ковачевски му ја предаде функцијата на Џафери: Повика сите министри да работат во интерес на граѓаните

Орце Костов

Ирскиот премиер Варадкар во посета на Македонија

А1он

Трудова ќе ги проверува синдикатите во М-НАВ: „Таа фирма е семејна, брат му на Тасевски работи таму, татко му работел таму“

Орце Костов

Ковачевски со новогодишна честитка: Среќна Нова 2024, можеме, знаеме и умееме да обезбедиме подобар живот за сите

А1он

Ковачевски: После една две пијачки со другарите, одам дома да ја дочекам Новата година

Орце Костов