Градското собрание на Лос Анџелес осветлено во боите на македонското знаме во чест на жртвите од трагедијата во Кочани

Од:

Градското Собрание на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија, во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани, беше осветлено во боите на македонското знаме – во црвена и жолта боја, од вчера во 20 часот до утрово во 6 часот, по локално време.

Од македонската православна црква Пресвета Богородица во Лос Анџелес изразија солидарност со семејствата на настраданите и благодарност за организирањето на овој настан од советник во локалната власт на Лос Анџелес во знак на оддавање почит на жртвите од неодамнешната трагедија во Кочани.

– Изразуваме длабока солидарност со луѓето во Кочани, со глобалната македонска заедница и со сите погодени, додека продолжуваме да жалиме за оваа срцепарателна загуба. Оваа трогателна почит, која се оддава на три месеци од несреќата, ќе биде потсетник дека нашето единство и сочувство, дури и преку океаните, остануваат непоколебливи. Искрено му благодариме на градскиот советник Сото – Мартинез од областа 13, на неговиот прекрасен тим и на градот Лос Анџелес за нивната солидарност со македонскиот народ, стои во објавата на фејсбук профилот на македонската црква.

Градскиот советник Хуго Сото – Мартинез по повод настанот насловен „Македонски ден на сеќавање“ во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани изрази жалење за загубата на 62 животи и како што наведува „солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина“.

– Македонската заедница во Атвотер Вилиџ и пошироко низ Лос Анџелес, иако малубројна, е енергична и длабоко вкоренета уште од 1960-те години. Како град длабоко жалиме за загубените 62 животи во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ и ја изразуваме нашата солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина, напиша на својот фб профил градскиот советник Сото – Мартинез во областа 13.

На 16 јуни се навршија три месеци од трагедијата во Кочани. Во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март во раните утрински часови, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. По завршување на истрагата 34 физички и три правни лица се обвинениети за тешки дела против општата сигурност.

Би можело да ве интересира

Ниту еден сведок на Обвинителството денеска не се појави на рочиштето за пожарот во „Пулс“

Судска медицина: Анализите за трагедијата во Кочани ќе бидат јавно презентирани

Родителите на загинатите во „Пулс“ бараа одговори од Судска медицина

Во Кочани 40. „Марш за ангелите“, родителите бараат одговори за токсиколошките анализи

Левица: ДПМНЕ ја блокира специјалната Анкетна комисија за Кочани, модуларната болница, „Беса транс“ и „Дурмо турс“

Истражување: Третина од преживеаните и повредените од „Пулс“ се соочуваат со анксиозност, депресија и посттрауматско растројство