Гори на повеќе места во државата, пристигнува помош од Црна Гора и Франција

Од:

Продолжуваат напорите за гаснење на пожарите, кои се уште се активни на повеќе места во државата. Критично е во кумановскиот и прилепскиот регион, но и во селото Побожје, каде вчера беа запалени три куќи. На терен заедно со нашите, интервенираат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија, а за денеска најавена е и помошта од Црна Гора и Франција.

Од Министерството за одбрана информираат дека Црна Гора ќе испрати хеликоптер Бел 412, но и екипаж од четири лица, како помош при справување со пожарите, откако Советот за одбрана и безбедност на Црна Гора донесе одлука да го одобри ова барање на министерката за одбрана на Црна Гора, Оливера Ињац.

И Франција денеска ќе се приклучи во напорите за гаснење на пожарите. На располагање ќе имаме тројца генерали од пожарникарската служба на Франција, кои се едни од најдобрите експерти за високо ризични пожари.

Помош при гаснење на пожарите, освен пожарникарите и претставниците на Армијата, даваат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и Романија.

Вчера во кампот кај Пехчево беше повреден австриски пожарникар, и беше префрлен на скопската клиника каде му е укажана помош.

Пожарите не стивнуваат веќе десетти ден по ред, и тоа на повеќе места во државата.

Вчера беа запалени три куќи кај селото Побожје, поточно во Чучер Сандево во Скопје, каде гореше во текот на целиот ден, но подоцна беше локализиран.

Уште се активни пожарите во кумановскиот регион, во Агино Село, но и во прилепскиот регион, кај селото Средорек.

Во Македонски Брод активни се пожарите кај селата Девич и Слатина. Гори и во Пехчево – Берово, кај местото Бајаз Тепе.

Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е уште активен и вчера во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство.

Активен е и пожарот во Петровец, село Дивље кај м.в. Крушје, но и оној во Прилеп, Топлица кон селото Крстец.

Инаку, по неколкудневна борба со огнената стихија над селото Будинарци, вчера попладне пожарот беше совладан. Со тоа, целосно е изгаснат големиот шумски пожар кај реонот на општините Пехчево, Делчево и Берово.

Би можело да ве интересира

Активни пожарите на планините Кожуф и Добра Вода

СДСМ: Среде пожари 400 пожарникари оставени без плата

Се уште активни пожарите кај село Винче и на Кожуф

Мицкоски: Опозицијата лаже за пожарите, се занимава со некрофилија и не прави ништо за да помогне

Катерина Ѓуровски

Пожарот во Трубарево е под контрола, гори на четири локации низ земјава

Мицкоски: Идентификувани се дваесетина лица поврзани пожарите

Катерина Ѓуровски