„Го сакам Водно“ бара стопирање на постапката за прогласување дел од Водно во заштитено подрачје од категорија 5

Од:

Овој акт за кој разговараме и сакате да го донесете никогаш не бил, не е, ниту ќе биде суштината на антропогено пошуменото Водно. Ова сега што се предлага и самото зонирање е биодиверзитет кој никогаш не бил суштината што Водно се заштитило.

Тоа го нагласи Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“ на денешната јавна дебата по Нацрт-одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, со која, дел од Водно заради своите геолошки, геоморфолошки и биолошки вредности, како и посебното значење за жителите на град Скопје, се прогласува за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, а град Скопје е определен да управува со заштитеното подрачје.

Стојановска нагласи дека со тоа што сега се предлага се трга таа причина на вештачки, односно човечки пошуменото Водно, создавањето на парк-шумата и најважното, како што рече, причина зошто е заштитено.

– И ако сега ова го донесеме останува правен вакум и се губи сета потребна заштита на Водно која ја има. Од овие причини ставот на „Го сакам Водно“ е дека бараме стопирање на постапката за носење на оваа одлука бидејќи Водно ќе остане без заштита, заштита која му е вистински потреба и која никогаш не била прашање на биодиверзитетот. Претходно било голо и реално било само по себе закана за Скопје, поради поплавите кошто настанувале, ерозиите, свлечиштата, пороите, сите минати генерации, експертизата од тоа време, инженерите тоа го увиделе, го направиле го создале, го пошумиле, заедно со народот, се изградиле канали, каскади, ровови за да се заштити животот на граѓаните од заканите кои ги претставувало Водно. Ние не смееме сега да дозволиме ваква одлука каде единствена заштита на Водно ќе биде биодиверзитетот, одлука каде сето досега кажано не е земено предвид, потенцираше Стојановска.

Таа истакна дека бараат стопирање на донесување на одлуката, во меѓувреме, како што рече, да се донесе еден вистински акт, каде што аспектот на биодиверзитет кој што согласно Законот за природа, ќе биде само дел од таа заштита, нагласувајќи дека е потребен еден многу поширок аспект при разгледување на заштитата на Водно.

– Градот не успеа да ја сочува зацртаната граница, а сега повторно бара управување со таа зона. Резултат на досегашното управување на Градот се Шпанско село, Сончев град и слично, се дефинирано и реализирано внатре во заштитениот појас на шумата. И сега велите ја намалуваме заштитената зона и пак го даваме на управување на Градот и го дефинираме според природните вредности со зона во којашто ќе се овозможи повторно градба. Тоа е недозволиво, заклучи Стојановска.

Македонка Стојановска, продекан на Факултетот за шумарство, посочи дека со сегашната студија и иницијатива „се фрлаат во вода“ сите досегашни заложби на експерти, што, како што рече, е навистина жалосно и несоодветно.

– Не се согласуваме со она што сега е предложено. Значи ние не сме против заштитени подрачја, но ние сме на ставот дека безбедносниот аспект треба да е приоритет, затоа Водно се пошумувало и прогласувањето на Водно за заштитен предел практично ги игнорира сите наши досегашни работи преку 50 години. Значи, Водно треба да биде заштитно, а не заштитено подрачје, затоа што основната функција на Водно му е безбедноста, заштита од порои и поплави, шума со заштитна намена, потенцираше таа.

На јавната расправа беше образложено дека членот 9 став (2) е особено непрецизен, оти опфаќа 38,4 проценти од вкупната површина на заштитениот предел Водно.

– Во него не се дадени ниту појдовни точки, ниту правци на протегање, нивна должина и точки на прекршување на правците. Исто така, не е јасно наведено кои се тие „средно високи делови на планината Водно“, односно на која надморска висина тие се определени. Најголема неточност е содржана во последната реченица во ставот (2) каде е наведен простор кај хотел „Панорама“ на Средно Водно. Колку за објаснување хотел „Панорама“ се наоѓаше на подножјето на Водно во сопственост на претпријатие „Метропол“ и тој е урнат и не постои. Во подножјето на Водно (пред КАМ маркет Водно) постои хотел „Панорамика“ што не е исто со „Панорама“ ниту по име ниту по локација. Во местото кое е именувано како Средно Водно (кое не е катастарска општина ниту топоним) постои хотел „Водно“ изграден и отворен во 1965 година во сопственот на Македонијатурист. Предлогот е наведениот член и став да се дополнат со точни правци на протегање на границата должина во метри, точки на прекршување и внесување на точни, посочи претставник на граѓанскиот сектор.

Роска Вукојевиќ од Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање наведе дека МЖСПП предлага на Владата да го определи Градот Скопје за субјект задолжен за управување со заштитен предел Водно.

– Субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје е должен да спроведува мерки и активности кои ќе придонесат за заштита на природните вредности на заштитен предел Водно. Планот за управување со заштитен предел Водно го донесува собјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје по претходно добиена согласност од МЖСПП. Непосредна заштита на заштитен предел Водно ќе спроведуа чуварска служба формирана од Град Скопје, додаде Вукојевиќ.

Како следни активности во постапката за прогласување претставниците од институциите информираа дека по јавната расправа и разгледување на сите добиени предлози и забелешки Министерството изготвува предлог одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитен предел и таа повторно се објавува на ЕНЕР и преку Е-влада се испраќа на меѓуресорска консултација.

– МЖСПП доставува до Владата конечна верзија на одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитен предел заедно со извештајот од јавната расправа. Владата ја усвојува одлуката за прогласување, таа се објавува во Служен весник со што дел од Водно ќе биде прогласено за заштитено подрачје, посочија надлежните.

Би можело да ве интересира

„Го сакам Водно“: Нуредини и Министерството за животна средина со различни ставови за иднината на Водно

Ана Ололовска

Активистите од „Го сакам Водно“ му дадоа новогодишно пакетче на Шилегов

Ана Ололовска

„Го сакам Водно“ побараа итно носење на специјален закон за заштита на Водно

Наум Локоски

„Го сакам Водно“: Барање за итно прекинување на сите активности на изградбата на гасоводот низ Водно

Наум Локоски

,,Го Сакам Водно” до Шилегов: Каприциозни сме затоа што ја работиме вашата работа и се грижиме за животната средина

Ана Ололовска

„Го сакам Водно“ до Шилегов: Каприциозни сме затоа што не дозволуваме да се уништува заштитено подрачје?

Наум Локоски