Шеснаесеттиот светски образовен семинар „Глобал конекшнс“ (Global Connections), организиран од истоимената фондација од САД, годинава првпат ќе се одржи во Македонија, а домаќин ќе биде меѓународната гимназија НОВА во Скопје.
Покрај во Македонија, семинарот ќе се одвива и во Грција и на грчкиот и на турскиот дел од Кипар. Тема на семинарот е „Образование на мирот: Одлична едукација и учители за мир”.
Во рамки на програмата на семинарот, од денеска до 24 јуни во Скопје и во Охрид ќе бидат организирани низа активности, меѓу кои се најавени и приеми на учесниците кај претставници на државниот врв и средби со претставници и експерти од образование, култура, труд и социјална политика и евроинтеграции. Од 24-ти до 30 јуни семинарот „Глобал конекшнс“ ќе продолжи со активности во Солун и во Никозија.
– Семинарот овозможува глобално поврзување на директорите на училиштата ширум светот и средби со лидерите во образованието од напредните и богати училишта, со оние посиромашните. Целта е создавање интернационална образовна мрежа која ќе промовира партнерство и размена на искуства. Гости на семинарот се директори на основни и на средни училишта, од најбогатите во Америка, па сè до најсиромашните во Африка, но еднакво посветени на својата заложба: градење меѓукултурни партнерства и кревање на глобалната свест за значењето на образованието. Во групата има 34 директори од 17 различни држави, од сите пет континенти, соопшти НОВА.
„Глобал конекшнс“ е светска организација на лидери во образованието од сите сектори, основана од Питер Пелхам. Од 1997 секоја година се одржува ваков тип на семинар на различен континент.