Еден ден откако „Макфакс“ објави дека Фондот за здравствено осигурување ги обврзува матичните лекари да намалуваат температура со парацетамол од една веледрогерија, од институцијата одговорија делумно на прашањата. Од ФЗО тврдат дека постојната објавена листа на задолжителна ампуларна терапија е важечка и нема никакви измени. Тие испратиле и линк до договорите кои Фондот ги склучува со приватните задравствени установи, иако тоа не го баравме.
Од Фондот велат дека документот што го објави „Макфакс“, а на кој се потпишани двајцата директори на ФЗО, е деловна преписка меѓу Фондот и една фирма и е првичен одговор кој е доставен само до подносителот. Тоа значи дека ФЗО се договорал со подносителот без претходно да ги консултира еснафските здруженија. Информациите на „Макфакс“ говорат дека, сепак, до матичните лекари стигнувале меилови, со кои им е испратен ваков допис.
Но, од ФЗО не одговорија на прашањата зошто токму таа доза парацетамол (1000 mg/6,7 ml.) е наведена како задолжителна и врз основа на кои медицински сознанија, анализи, односно медицина базирана на докази, е утврдена потребата од дополнување на ампуларната терапија и тоа токму во горепропишаната дозна јачина.
Овие ампули во пропишаната доза од Фондот, во Македонија го увезува само веледрогеријата „Марти-Алко ДОО“ под името „апотел“. Производител на оваа ампула е грчка фирма, а во едно пакување има 3 ампули. Oд веледрогеријата вчера не беа достапни за коментар.
Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружение на приватни лекари на РМ, за „Макфакс“ изјави дека овој лек се пушта венски во инфузија и е хепапатотоксичен и нефротоксичен.
„Чудно е што прво меилот го добивме од фармацевтската компанија“, вели Чолакова.
Таа додаде дека во ниедна медицина базирана на докази не пишува дека матичниот лекар треба да пушта антипиретици за намалување температура. Вели, важно е да се рехидрира телото, да се тушира, да се пијат течности, можеби со аналгин, а последна опција е ваков антипиретик.
„Никогаш не препорачуваме веднаш да се вклучи лекот. Ампулите не се бонбони“, раскажува Чолакова Дервишова.
Васко Маглешов