„Форумот на слободоумни патриоти ја осудува вчерашната одлука на Уставниот суд на Република Македонија. Сакаме да ги потсетиме судиите дека тие треба да бидат чувари на Уставот, а не со своите одлуки директно да го рушат Уставниот поредок на Република Македонија и да поддржуваат и поттикнуваат кршење на основните Уставни вредности.
Ваквата нивна скандалозна одлука е вовед во нерегуларни избори и само ќе ги охрабри дел од политичките партии повторно да пробаат да си поигруваат со желбата на народот.
За нас е несватливо Уставниот суд со своето делување да овозможи амнестија или аболиција на луѓе кои се осомничени дека сториле тешки кривични дела и се обиделе да ја фалсификуваат желбата на народот. Притоа, да потсетиме дека истиот тој Уставен суд молчи кога во притвор се држат луѓе без ниту еден доказ, надвор од сите законски норми и да не реагира кога не се почитува презумцијата за невиност.
Сакаме да потсетиме дека изборните нерегуларности изминатите дваесетина години беа пропратени со пукања, тепачки, насилство, кршење кутии и убиства. Оттука, сметаме дека Уставниот суд со ваквата своја одлука директно поттикнува насилство во Република Македонија.
Форумот на слободоумни патриоти ги повикува судиите во Уставниот суд да бидат столб на демократските вредности на ова општество и да прекинат со своите постапки да ја подриваат и така кревката Македонска демократија“, се вели во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.