„Републичкото координативно тело на Форумот на слободоумни партиоти на денешниот состанок донесе одлука за бојкот на парламентарните избори најавени за 5 јуни 2016 година. Сметаме дека не се исполнети условите за фер и демократски избори и во целост не се спроведени договорот од Пржино, забелешките во Извештајот на ЕУ експертската група предводена од Прибе и Венецијанската комисија.
Притоа сакаме да ја извести јавноста дека како организација во која членуваат истакнати членови и поголемиот дел од основачите на ВМРО ДПМНЕ, ние не прифаќаме партијата да ја водат аболицирани криминалци. Оттука бараме раководството под итно да поднесе одговорност и да се почне постапка за свикување на вонреден партиски Конгрес и избор на ново раководство. Сметаме дека единствениот начин за победа на престојните парламентарни избори е на вонредниот Конгрес партијата да се исчисти од аболицираните криминалци и од сите оние кои се инволвирани во т.н. бомби и за нив се води истрага во Специјалното јавно обвинителство.
Доколку раководството остане немо на овој наш повик, ние сме подготвени на следните фер и демократски парламентарни избори да настапиме со независни листи, составени од чесни и проверени членови на ВМРО ДПМНЕ, како наша единствена опција за спас на партијата“, соопштуваат од ФСП.