Под мотото „Исчисти, Твитни“ денеска се одржа волонтерска еко-акција за чистење на кејот на Вардар со која беа опфатени патеките и бреговите од двете страни на реката во централното градско подрачје на Скопје.
Акцијата, која се промовираше и преку твитер, ја организираа Пивара Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и компанијата Пакомак, а кон акцијата се приклучија и британскиот амабасадор Чарлс Герет и амбасадорот на САД Џес Бејли со нивните тимови.
Ламбро Патче, менаџер за односи со јавност и комуникации во Пивара Скопје рече дека преку ваквите еко-акции сакаат да упатат порака и апел кон останатите компании и целото општество дека сите треба да го преземат својот дел од одговорноста и повеќе да се ангажираат во решавањето на проблемот со загадувањето, со што ќе создадеме одржлива иднина за нас и за следните генерации.
Холамндскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп ги поздрави учесниците на годинешната акција, која воедно е и дел од активностите за одбележување на „Денот на Кралот“ – националниот празник на Холандија.
– Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем, истакна Пломп.
Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат Пивара Скопје, Пакомак и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар. Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди Пакомак.