Форумот на слободоумни патриоти бара експертско утврдување на веродостојноста на презентираните прислушувани телефонски разговори.
„На последната прес-конференција на опозиционата СДСМ беа обелоденети нов сет прислушувани телефонски разговори, со кои, како што се вели, се докажува како премиерот Никола Груевски местел тендери и земал милионски провизии. Опозиционата СДСМ конкретно тврди дека овие прислушувани телефонски разговори биле доказ за корупциски скандали со кинеска инвестиција за автопатите Штип – Миладиновци и Кичево – Охрид.
Со оглед на сериозноста на сите доегашни обвинувања како и упорното тврдење на премиерот Груевси дека се работи за сериозно неавтентични и монтирани снимки, Форумот на слободоумни патриоти бара од надлежните државни институции со помош на домашни и независни странски стручни лица за аудио снимки, веднаш да пристапат кон експертско утврдување на веродостојноста на презентираните прислушувани телефонски разговори со цел да се елиминира секакво сомнение за монтираност и сецкање на истите, по што би следеле соодветни законски постапки спрема сите одговорни лица во оваа досега невидена афера на овие простори“, се вели во писменото соопштение на Форумот на слободоумни патриоти.
„Исто така Форумот на слободоумни патриоти го потсетува раководството на МРТВ на должноста за професионално и непристрасно известување на јавноста и за доделување на рамномерен простор за презентација на активностите на власта и на опозицијата. Граѓаните имаат право објективно и избалансирано да бидат информирани за состојбите во земјата токму преку националниот радиодифузер МРТВ.
Сакаме да потсетиме дека доколку дојде до бојкот во наплатата на радиодифузната такса која може да повлече сериозни финансиски консеквенци по однос на тековното работењето одговорноста паѓа на актуелното раководство на МРТВ. Непридржувањето кон законските обврски за начинот на работењето на МРТВ повлекува соодветна одговорност“, пишува во соопштението на Форумот на слободоумни патриоти.