Филипче не ги разрешува директорите на тетовската болница во избори, иако Зибери и Цаца ги смени среде кампања

Од:

Директорите Флорим Бесими и Артан Етеми месец и половина по трагедијата со модуларната болница во Тетово, каде 14 луѓе ги загубија животите, останаа на директорските функции. Оставките што ги понудија до министерот за здравство, Венко Филипче, останаа во фиока. Министерството за здравство тврди дека двајцата не се сменети поради тоа што во тек се изборите, па може да се прекрши Изборниот законик. Овој став доаѓа и покрај тоа што Филипче досега има направено разрешување среде изборна кампања, и тоа за време на парламентарни избори минатата година.

„Медицинскиот директор и економскиот директор на КБ Тетово, кои поднесоа неотповиклива оставка, ќе бидат сменети по изборите за да не се прекрши Изборниот законик“, велат кратко од Министерството за здравство за „А1он“.

Вакво толкување на Изборниот законик немаше кога министерот Филипче го разреши тогашниот в.д. директор на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р Арбен Зибери, сред изборна кампања. Тогаш тврдеше дека нема никакво прекршување на Изборниот законик со неговата одлука, а Антикорупциска го потврди тоа. Зибери беше разрешен на 26 јуни минатата година, во првите неколку денови од кампањата, која почна на 24 јуни за изборите што се одржаа на 15 јули.

Пред Зибери, сличен случај имаше и со разрешувањето на директорката на Универзитетската клиника за дерматологија, Нина Цаца Биљановска. Таа исто така беше разрешена за време на кампања од страна на министерот Филипче, по консултации со Антикорупциска, поради итност. За потсетување, таа се врати од зимување со симптоми на коронавирусот, но наместо во изолација, беше на предавање со стотици присутни и одеше на работа, поради што беше разрешена.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, и овој пат има исти став во врска со разрешување за време на избори.

„Оставката од морални причини поднесена од директорите на болницата во Тетово е неотповиклива и не остава простор за нејзино одлагање“, заклучува Ивановска.

Двајцата први луѓе на тетовската болница, в.д. директорот Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, поднесоа оставка до министерот за здравство, Венко Филипче, два дена по пожарот во модуларната болница.

„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе поставам морална линија која сите ние во општеството можеме да ја следиме“, напиша Бесими во оставката.

„По таков трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна“, пишува Бесими.
Речиси истовремено, од функцијата се повлече и економскиот директор Артан Етеми.

Тие и натаму се на функциите бидејќи Филипче не ги разреши.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Филипче: Нови субвенции за тутунопроизводителите по 6.000 денари за секој хектар тутун

Филипче најави тужба за клевета против Николоски – го нарече „кафански озборувач“

Филипче: Со црна кампања ВМРО-ДПМНЕ бараат алиби за лошиот резултат кој ги очекува

Горан Наумовски

Филипче: Додека се боревме со три кризи ги решававме и стратешките прашања

Филипче: Платите на општите лекари ќе се качат до 140.000 денари на медицинските сестри до 90.000

Предраг Петровиќ

За Мизрахи, Филипче, Васев и Нухи имаат најголема одговорност за Онкологија: СДСМ ќе бара оставка од неа

Орце Костов