Филипче не ги разрешува директорите на тетовската болница во избори, иако Зибери и Цаца ги смени среде кампања

Од:

Директорите Флорим Бесими и Артан Етеми месец и половина по трагедијата со модуларната болница во Тетово, каде 14 луѓе ги загубија животите, останаа на директорските функции. Оставките што ги понудија до министерот за здравство, Венко Филипче, останаа во фиока. Министерството за здравство тврди дека двајцата не се сменети поради тоа што во тек се изборите, па може да се прекрши Изборниот законик. Овој став доаѓа и покрај тоа што Филипче досега има направено разрешување среде изборна кампања, и тоа за време на парламентарни избори минатата година.

„Медицинскиот директор и економскиот директор на КБ Тетово, кои поднесоа неотповиклива оставка, ќе бидат сменети по изборите за да не се прекрши Изборниот законик“, велат кратко од Министерството за здравство за „А1он“.

Вакво толкување на Изборниот законик немаше кога министерот Филипче го разреши тогашниот в.д. директор на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р Арбен Зибери, сред изборна кампања. Тогаш тврдеше дека нема никакво прекршување на Изборниот законик со неговата одлука, а Антикорупциска го потврди тоа. Зибери беше разрешен на 26 јуни минатата година, во првите неколку денови од кампањата, која почна на 24 јуни за изборите што се одржаа на 15 јули.

Пред Зибери, сличен случај имаше и со разрешувањето на директорката на Универзитетската клиника за дерматологија, Нина Цаца Биљановска. Таа исто така беше разрешена за време на кампања од страна на министерот Филипче, по консултации со Антикорупциска, поради итност. За потсетување, таа се врати од зимување со симптоми на коронавирусот, но наместо во изолација, беше на предавање со стотици присутни и одеше на работа, поради што беше разрешена.

Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, и овој пат има исти став во врска со разрешување за време на избори.

„Оставката од морални причини поднесена од директорите на болницата во Тетово е неотповиклива и не остава простор за нејзино одлагање“, заклучува Ивановска.

Двајцата први луѓе на тетовската болница, в.д. директорот Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми, поднесоа оставка до министерот за здравство, Венко Филипче, два дена по пожарот во модуларната болница.

„Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе поставам морална линија која сите ние во општеството можеме да ја следиме“, напиша Бесими во оставката.

„По таков трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна“, пишува Бесими.
Речиси истовремено, од функцијата се повлече и економскиот директор Артан Етеми.

Тие и натаму се на функциите бидејќи Филипче не ги разреши.

Би можело да ве интересира

Затворска казна за директорите Бесими и Етеми, пресуда за пожарот во модуларната во Тетово

Катерина Ѓуровски

Пресуда на повтореното судење за модуларната во тетово на 16 мај

(ВИДЕО) Филипче: Ако Делчев кажал дека сме поделени како нација, ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна

Горан Наумовски

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните не може да очекуваат ништо од СДС, ниту од Филипче, кој сака да биде „втор Заев“

Горан Наумовски

Од тандемот Заев-Филипче Македонија и граѓаните само беа понижени и негативно претставени, велат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ: Венко Филипче се гордее со Зоран Заев и учи од него