Европската комисија ги научила лекциите од тоа што Грција и Кипар станаа членки на Европската унија без да ги решат отворените билатерални прашања со соседите, па токму затоа сега истото се инсистира при приемот на Македонија во Унијата.
Ова може да се извлече како заклучок од одговорот на Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, на прашањето на дописникот на МИА од Брисел дали – ако Филе вчера во Европскиот парламент во Стразбур порача дека без решени билатерални прашања нема влез во ЕУ- истото правило се почитувало при приемот на Грција и Кипар?
– Проширувањето по дефиниција е постепен процес кој се основа на солидно и одржливо спроведување на реформите од страна на засегнатите земји. Политиката на проширување е приспособена врз основа на научените лекции од последователните пристапувањата досега, а со цел да се обезбеди непречена интеграција на новите земји-членки и подобро да одговори на потребите на земјите во трансформација, особено во владеењето на правото, вели портпаролот Стано.
Гласноговорникот на еврокомесарот за проширување вели дека во овој контекст Филе ја истакнал поентата дека не треба да се увезуваат билатерални прашања во ЕУ. Според Стано, во дебатата пред европарламентарците, Филе говорел за тековната стратегијата за проширување, што било дефинирано во неодамнешниот документ „Стратегијата за проширување“ објавен минатиот месец.
– Добрососедските односи се споменати во овој документ меѓу клучните предизвици. Ќе цитирам дел од нив: „Во духот на добрососедските односи, билатералните прашања треба да се решат од страна на засегнатите страни што е можно порано во текот на процесот на проширување, со решителност, водејќи сметка за интересите на ЕУ во целина. Билатералните прашања не треба да го задржуваат процесот на пристапување. Комисијата ги повикува сите страни да вложат напори за решавање на отворените прашања, во согласност со воспоставените принципи и средства, вклучувајќи ги и оние што се однесуваат на прашања за кои одлучувал и Меѓународниот суд на правдата или други постоечки или ад-хок тела за решавање на спорови. Преговорите за членство може да генерираат посилен политички поттик за решавање на споровите. Комисијата е подготвена да го олесни пребарувањето на решенија“, ги цитира портпаролот Стано деловите од „Стратегијата за проширување на ЕУ“ објавен на 10 октомври оваа година.
Иако гласноговорникот и воопшто од канцеларијата на Филе не сакаат да коментираат зошто сега бараат нешто од Македонија, па и Србија (во однос на Косово), а истото не го барале кога во големото европско друштво ги примале Грција и Кипар, факт е дека научената лекција со приемот на овие две држави во ЕУ ја тера Комисијата да бара решенија што не би биле на штета само на земјите-кандидати.
Од таа причина, во високи кругови на ЕУ се коментира и иницијативата за Македонија да добие датум за почеток на пристапни преговори на декемврискиот Самит на Европскиот совет. Освен што со овој потег директоратот за проширување при ЕК сака да го спаси процесот на проширување и голем број на работни места во својата канцеларија (кога со новите мерки за штедење во ЕУ се побарува кратење на 15 проценти од администрацијата во Брисел), факт е дека Комисијата сака да ја задоволи светската правда, која во спорот меѓу Македонија и Грција со пресуда на Хашкиот суд е на наша страна.
Всушност, споменувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Извештајот на ЕК за Македонија годинава, како и нејзиното повторување во досегашните говори на комесарот Филе (меѓудругото, тој ја спомена и вчера во ЕП), ја става Грција во мошне незавидна позиција, а останатите земји-членки на ЕУ во ситуација да не смеат истата да ја игнорираат и да вршат притисок врз нашиот јужен сосед да не става ново вето во Советот.
Единствена реална грижа за Македонија, која со перфектно чисто досие и усогласеност со европските закони го очекува Самитот на Европскиот Совет, може да биде се почестата употреба на терминот „славомакедонци“ во говорите на европски политичари. Ако тоа продолжи да се употребува во реториката на официјален Брисел, тогаш може да се остварат сомнежите дека ЕУ и Комисијата ја притискаат Грција за попуштање на блокадата за Македонија, но од друга страна и удоволуваат со менување на идентитетот на Македонците, што ја внесува Унијата во приказна која не се допира ниту во преговорите под капата на Обединетите нации и медијаторот Метју Нимиц.