Две жртви во вчерашната сообраќајка кај Пештани

Од:

Две лица го загубија животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 18:05 часот се случи на регионалниот пат Охрид – Свети Наум, на потегот меѓу селото Пештани и автокампот „Градиште“.

Според полициските информации, од здобиените повреди на лице место починал 26-годишниот Александар Л. од Охрид, а на пат кон Општата болница во Охрид во возило на Службата за итна медицинска помош на повредите им подлегнал и Виктор С. (22) од селото Ваташа, Кавадарци.

Двете починати лица се наоѓале на моторцикл марка „Џилера“ со охридски регистарски таблички и по коловозот се движеле од правец на Свети Наум кон Охрид. На критичното место моторциклот преминал на левата сообраќајна лента и со предниот дел удрил во левата предна страна од патничко моторно возило марка „Фолксваген транспортер“ со германски регистарски ознаки. Ова возило се движело од спротивната насока, управувано од Ф.Е. (32) од Дрезден, Германија. Починатите немале заштитни шлемови во моментот на управување на моторциклот.

На местото на сообраќајната незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител, полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид и вешто лице. Сообраќајот до 20:25 часот беше во целосен прекин, додека до завршувањето на увидот околу 21 часот истиот е физички регулиран со наизменично пропуштање возила.

По наредба на јавниот обвинител во текот на денешниот ден ќе се изврши обдукција врз сега починатите, а ќе биде извршено и дополнително вештачење врз моторциклот.

Би можело да ве интересира

Пештанци и во најголемите гужви ќе го блокираат влезот на Градиште во недела, со барање да им ги вратат имотите

Жарко Настоски

По протестите и низата барања, банер на влезот од Пештани: “Правда за Градиште”

Кристијан Ландов