Два хеликоптера ќе го гасат пожарот кај селата Раовиќ и Буковиќ

Од:

Еден македонски и еден црногорски хеликоптер попладнево ќе го гасат пожарот во Општина Сарај кај селата Раовиќ и Буковиќ иако веќе е локализиран во делот на селото Раовиќ.

-Дел од пожарот во село Раовиќ во Општина Сарај е локализиран, но на потегот село Буковиќ, село Чајлане кон Матка се уште е активен. Во попладневните часови на овој пожар ќе се интервенира и од воздух со 26 луѓе од Воздухопловниот винг со еден македонски армиски хеликоптер и еден хеликоптер на Република Црна Гора, информира Надица В’чкова од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на попладневната прес-конференција во ЦУК.

Таа нагласи дека пожарот во атарот на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп е активен но е со слаб интензитет.

-Пожарот е на непристапен терен и станува збор за приземен пожар каде гори лисната постилка и сува трева. Во високиот дел има чадење, но во овој момент не постои опасност за проширување. Во моментов на овој пожар интервенираат екипи од прилепската локална самоуправа, Дирекцијата за заштита и спасување и екипи на МВР од Прилеп и Битола, прецизира В’чкова.

Реактивиран е, додаде, и пожарот над село Безгаштево помеѓу Берово и Струмица накај село Нивичани на браната Турија. Утре рано изутрина, како што кажа, ќе се преземат активности за негово локализирање, бидејќи се работи за тешкопристапен терен на кој е потребно повеќе од три часа да се стигне до локацијата.

-Пожарот во атарот на демиркапиското село Барово е веќе ставен под контрола иако во внатрешноста на опожареното подрачје се уште постојат поедини места каде што се забележува чадење, рече В’чкова.

Нагласи дека човечкиот фактор е најчеста причина за избувнувањето на пожарите на отворен простор низ земјава, било да станува збор за намерно или ненамерно потпалување.

-За превенција и откривање на сторителите и спречување на подметнување на пожари на отворен простор МВР засилено настапува на терен и има ангажирано преку 600 полициски службеници. Досега во гасењето на пожарите учествуваа полициски службеници од специјалните единици, а беше ангажиран и хеликоптер на МВР, потенцира В’чкова.

Би можело да ве интересира

Еден активен пожар и еден под контрола од вчерашните 22 на отворено низ државава

Вкупно 39 пожари на отворено вчера, пет сѐ уште активни

Локализиран пожарот во близина на железничката пруга во Кисела Вода

ВИДЕО: Гори во Визбегово

Катерина Ѓуровски

Пожари кај Железничка, во Визбегово и во Сопиште

Катерина Ѓуровски

Состојбата со пожарите на отворено повторно се влошува, гори на пет локации