До крајот на јуни готов нацрт-извештајот за авионската несреќа во која загина Трајковски

Од:

До крајот на месецот ќе биде готов нацрт-извештајот, а до втората половина на јули завршниот извештај во врска со обновената истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, неговиот тим и членовите на екипажот.

Денеска заврши фазата на прибирање на релевантни информации, факти и докази во врска со истрагата на несреќата на владиниот авион Кингер, кој на 26 февруари 2004 година падна кај Ротмиље, близу Мостар во Босна и Херцеговина.

– Тоа значи дека следува фаза на анализирање на сите прибрани информации, факти и докази, нивно обработување. Кога ќе биде готова анализата се донесуваат наоди за фактичката состојба за сите услови под кои се случила несреќата. Потоа се извлекуваат директните и индиректните причини за несреќата. Оваа фаза ќе трае до крајот на месецов кога ќе биде од страна на Меѓународната комисија за повторно спроведување на истрагата донесен нацрт-извештај, изјави за МИА Сотир Костов, претседател на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти.

Откако ќе биде донесен нацрт-извештајот, појаснува Костов, се доставува до операторот на воздухопловот, а тоа е Владата на Република Македонија, до земјата на регистарот на авионот – Република Македонија и до земјата на производителот на авионот, а тоа се САД.

– Овие субјекти треба да го разгледаат и да дадат свое мислење кое може да биде со предлози, ставови, прифаќање, неприфаќање итн., но кои не се обврзувачки за Меѓународната комисија. Тие се прилепуваат кон извештајот и во една целина се добива завршниот извештај за несреќата на воздухопловот „Кингер Б200“, вели Костов.

Откако ќе биде изготвен завршниот извештај, нагласува Костов, тој се објавува на вебстраната на Комисијата, се доставува до операторот – Владата, до земјата регистар – Република Македонија и, овој пат, извештајот ќе биде доставен до Јавниот обвинител на Република Македонија и до Јавниот обвинител на БиХ, до семејствата на оштетените т.е. загинатите. – И секој заинтересиран ќе може преку нашиот Комитет за истраги, каде што сме ние тројца истражители, да го добие извештајот или преку БиХ, преку Омер Кулиќ, вели тој.

Нацрт-извештајот, посочува Костов, ќе биде готов до крајот на месецов. – А потоа следуваат 40 дена, ама ние ќе го скратиме тој рок бидејќи многу работи се веќе разјаснети и нема што понатаму да се истражува. Во следните 15 дена ќе бидат дадени мислењата. Моја проценка е дека завршниот извештај ќе биде готов во средината на јули, евентуално втора половина на јули, изјави Костов.

Омер Кулиќ, главниот истражител во новата истрага, кој деновиве престојуваше Македонија, неодамна во изјава за босанските медиуми рече дека нацрт – извештајот ќе биде готов до крајот на овој месец и оти поради технички причини тој не бил готов до крајот на минатата година, како што беше најавено. Финалниот извештај, според Кулиќ, ќе и биде презентиран на јавноста.

– Ние расветливме се дефинитивно, нема да остане ништо неразјаснето, ниту една ставка, ниту една точка. Ништо нема да остане неречено во врска со тој случај, изјави тогаш Кулиќ.

Финалниот извештај во БиХ, според него, најнапред ќе му биде предаден на главниот обвинител Горан Салиховиќ, а потоа и во Министерството за транспорт и комуникации на БиХ.

Би можело да ве интересира

Утре 11 години од смртта на претседателот Трајковски

Ана Ололовска

Работилница за истрагите за падот на „Кингерот“

Ана Ололовска

„National Geographic“ сака да ја емитува реконструкцијата на падот на кингерот на Трајковски

Емир Латифовиќ

Кулиќ го достави извештајот за падот на „Кингерот“ на македонските власти

Ана Ололовска

Одбележана 10-годишнината од загинувањето на претседателот Трајковски

Емир Латифовиќ

Десет години од смртта на претседателот Борис Трајковски

Ана Ололовска