Во Македонија нема простор за отворање мигрантски кампови, рече денеска претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски.
На крајот од обраќањето по повод двегодишнината на ЗНАМ, Димитриевски потенцира дека на иста линија се и останатите коалициски партнери.
-Македонија својата мигрантска приказна ја заврши во 2000 година, со завршувањето на косовската криза. Нема простор за отворање мигрантски кампови во Македонија. ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка, а на иста линија се и останатите коалициски партнери во Владата, подвлече Димитриевски.
Претходно денеска, координаторот на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека неговата партија јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со која, како што напомена, беа отворени можности за создавање кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси.
