Дигиталниот речник прави „падни-стани“ уште по вториот ден од пуштањето во употреба

Од:

По само два дена откако беше пуштен во употреба, од утрово не функционира страницата на дигиталното издание на Толковниот речник. Неколку пати сервисот не се отвораше, па проработе, за по кратко повторно да не функционира. На страницата наместо речникот се појавува порака на англиски јазик „Bad request 400“, што значи дека клиентскиот дел на страницата е дисфункционален.

За сличен проблем се алармираше и вчера на социјалните мрежи од страна на програмери. Во тие објави се посочи дека страницата не работи на мобилните уреди кои користат оперативен систем „Андроид“, иако веб-верзијата е функционална.

„А1он“ се обрати до Владата околу тоа дали страницата е цел на хакерски напад, има лоша техничка инфраструктура или, пак, слаби сервери и голема посетеност. Засега, нема одговор.

Веб-платформата „www.makedonski.gov.mk“ со дигитална верзија на Толковниот речник на македонски јазик беше промовирана на 5 мај, како дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик. На електронското издание работел тим од 21 автор. Главен редактор е проф. д-р Снежана Велковска, а редактори се и проф. д-р Кирил Конески, (кој беше главен редактор на печатеното издание), проф. д-р Живко Цветковски, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Елизабета Бандиловска. Толковниот речник во дигитална верзија е со формат од околу 100.000 зборови.

Изминативе два дена имаше и реакции за одредени зборови и нивните толкувања кои се најдоа во Толковниот речник. Меѓу другите, реагираа од граѓанската иницијатива „Аваја“, кои образложија дека во речникот има термини кои се навредливи за Ромите.

„Со новиот дигитален речник Ромите добија дигитализација на навредите и антициганизмот. Дигиталниот Толковен речник содржи 100.000 зборови меѓу кои и Циганче, поцигани, циганчи се, циганштија и циганштилак. Сите овие зборови во македонскиот јазик се користат како навредливи зборови кон ромската заедница. Овој нов или дигитализиран речник ја повторува истата грешка на веќе постоечките речници кои треба да се предмет на реформирање“, велат од „Аваја“, од каде побараа наведените зборови да бидат тргнати од дигиталниот речник.

По ова, Владата излезе со соопштение во кое посочи: „лингвистите постигнале согласност зборовите што ги предизвикаа овие реакции да бидат повлечени. И ова наиде на реакции во јавноста, посочувајќи дека бришењето зборови од речник е регресивен чекор кој го осиромашува јазикот.

Би можело да ве интересира

Влада: Новите толкувања во речникот се од експертите на ИМЈ, ние само го одржуваме системот

Жарко Настоски

Толковниот речник на македонскиот јазик е достапен електронски на платформата makedonski.gov.mk

Жарко Настоски