Деветмина македонски амбасадори ќе ги променат своите места, откако листата за промена на амбасадорите била прифатена од претседателот Ѓорге Иванов без забелешки.
Според информациите, досегашниот амбасадор во Хаг, Никола Димитров ќе биде нов македонски амбасадор во Русија, а на неговото место ќе дојде Игор Попов, актуелен амбасадор во Словенија. Промена ќе има и во Албанија, каде амбасадор ќе биде Стојан Карајанов, и во Австралија, каде на амбасадорското место ќе седне Веле Трпевски, пренесе Макфакс.
Досегашниот амбасадор во Русија, Илија Исајловски ќе биде македонски амбасадор во Кина, а актуелниот амбасадор во Пекинг, Оливер Шамбевски ќе ја заземе амбасадорската позиција во Италија.
Амбасадорската должност во Канада ќе ја извршува Даниела Караѓозоска, која досега беше амбасадор во Хрватска, додека, пак, Фуад Хасановиќ ќе биде новиот амбасадор на земјава во Босна и Херцеговина.
На испразнетото место во Катар ќе седне Шабан Јашари, а во Женева тоа ќе направи Газменд Илјази.
Македонија ќе добие и нов амбасадор при НАТО Алијансата, односно на местото на досегашниот амбасадор Мартин Треневски ќе седне неговата сопруга Василка Попоска – Треневска.