Политичките партии,потписнички на Договорот од Пржино денеска ќе се состанат во нов обид да се најде решение за излез од политичката криза.
Преговоите ќе продолжат во 12.30 часот во Клуб на пратеници.
Ни вчера партиите не успеаја да постигнат договор. Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, по завршувањето на преговорите рече дека и покрај конструктивните дискусии, партиите не успеале да постигнат договор и дека преговорите ќе продолжат денеска.
Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ пред вчерашната средба обвини дека СДСМ постојано одбива предлози и посочи дека неговата партија е конструктивна и постојано дава нови предлози за да се постигне конечно решение.
Радмила Шекеринска од СДСМ, пак, ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека бегаат од Договорот од Пржино и од регуларни избори кои час поскоро ѝ се потребни на Македонија.
Пред почетокот на преговорите, Артан Груби од ДУИ беше оптимист и рече дека разликите се минимални и дека наскоро може да се очекува решение. Според него, единствена можна дата за избори годинава е 11 декември.
Отворен проблем се ингеренциите на министерот за внатрешни работи.
Доколку не се постигне договор до крајот на неделава, тогаш отпаѓа терминот за избори во декември, и изборите би се одржале на пролет, заедно со локалните избори.