Демократска фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Дегутантно е да се наметнува победничка еуфорија

Од:

Сметаме дека е крајно дегутантно изнасилено да се наметнува победничка еуфорија во услови кога партијата ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмал број гласови од 2008 година па сè до денес. Овој број на освоени гласови (319.224) е помал дури и од бројот на освоени гласови на минатите локални избори (335.034) кога партијата катастрофално изгуби, а шеф на Изборниот штаб беше токму Христијан Мицкоски, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ во отвореното писмо до ВМРО-ДПМНЕ.

Дури и прецизната „Мицкова математика“, додаваат од таму, не може да ги оправда и да ги надомести помалку освоените 130.000 гласа во однос на претходниот резултат на Иванов (449.442 гласа во првиот круг).

„Сакаме да потсетиме дека токму Мицкоски е тој што ветуваше победа со освоени повеќе од 450.000 гласа со Соросовиот претседателски кандидат, за жал, во минатото лесно достижен, а сега само посакуван број гласови. Затоа, за нас оваа вештачка победничка еуфорија, која по наредба ја глумат стотина партиски лица, не може да ја намали одговорноста за неуспехот на овие избори ниту, пак, да ги покрие лошите и штетни досега водени калкулантски политики на наметнатото грујовистичко раководство. Доколку Мицкоски и неговата најблиска партиска братија послушаа барем дел од нашите досегашни добронамерни укажувања и совети, доколку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ постапеа по барањето на Фракцијата, навреме да поднест оставки во Собранието на РМ, и доколку Мицкоски при неговата прошетка низ Македонија не бегаше од искажување јасен став за договорот од Преспа и за референдумот, а наместо тоа говореше за загадениот воздух и маглата (читај: му продаваше ветер и магла на чесното членство), немаше да ни се случат преспанскиот договор, распарчување на пратеничкта група, селективната амнестија, како и насилната промена на Уставот и името на нашата држава. Истовремено, ќе имавме можност да победиме на издејствуваните предвремени парламентарни избори, како и да составиме вмровска влада“, се вели во отвореното писмо.

Очигледно, велат од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ, дека овие добронамерни совети и укажувања беа послаби од влијанието и советите на бегалецот од Будимпешта, од сервилноста и понизните ветувања пред еврокомесарите во заминување наспроти националното и личното достоинство.

„Калкултантските, непринципиелни и погубни политики на актуелното раководството на ДПМНЕ дојдоа до израз со кандидатурата на либералката Силјановска (поранешен соработник на Б. Црвенковски), а свое финале, по сè изгледа, ќе добијат во вториот круг на претседателските избори. Испиленото кукавичино јајце во гнездото на ДПМНЕ и партиските камикази, учествувајќи во вториот круг на претседателските избори, ќе го запечатат за навек историскиот пораз на ДПМНЕ од Заев и неговите соработници. За да не се случи тоа, деновиве што се пред нас ја даваат последната шанса да се поправи барем дел од лошо водените политики. За свесно и намерно сторените грешки во корист на политичкиот противник, а на штета на државата и партијата, Мицкоски и неговата партиска братија треба да сносат политичка одговорност. Но, поради чесната и искрена желба да се спасат понатамошната деградација и обезличувањето на партијата и државата, како и да се сопре опасноста од апсолутната власт на СДСМ и ДУИ, Демократска фракција јавно му нуди на Мицкоски гаранција за неговата партиска позиција и фотелја во замена за повик на бојкот на вториот круг на изборите. Со повикот на бојкот Мицкоски има шанса од некредибилен и неавторитетен шеф на опозицијата да стане вистински опозициски лидер, да ја обедини партијата и да ја реализира својата премиерска амбиција. Сега е вистински и последен момент со повик за бојкот на вториот круг од изборите ВМРО-ДПМНЕ да издејствува нови претседателски и вонредни парламентарни избори, со цел на нив убедливо да се победи, како и да се спречи сè поголемата уцена од партиите на дел од етничките заедници во државата. Новите претседателски и парламентарни избори се последна шанса партијата да се врати на патот на пристојноста, патриотизмот и достоинството, потпрени на вредносен компас, препознатлив по личната чест и посветеност кон татковината и нацијата, кои ги обединуваат мислата, зборот и делото, а не личните и егоистички или туѓите намери и интереси“, пишува во отвореното писмо.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ – Демократска Фракција: Срамната глума на самоумислените „цареви“ Заев и Ахмети

Ана Ололовска

Демократската Фракција на ВМРО-ДПМНЕ: Двојните аршини на Силјановска и маргинализирање на поддршката од ВМРО ДПМНЕ

Ана Ололовска

ВМРО ДПМНЕ-Демократска Фракција: Престанете со понатамошно разнебитување на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

ВМРО-ДПМНЕ Демократска фракција: ВМРО-ДПМНЕ мора да остане народна партија, а не дувло на криминалци и злосторници

Наум Локоски

ВМРО ДПМНЕ – ДФ: Доста ни е од игри и манипулаци, сакаме кривична и морална одговорност

Ана Ололовска

Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бара нова и прочистена партија

Наум Локоски