НВО Инфоцентарот и целокупното граѓанско слободоумно општество се постојано изложени на напади од страна на досегашната власт и нејзините послушници. Оваа организирана хајка особено се засили пред и после завршувањето на минатогодишните предвремени парламентари избори, се вели во соопштението од НВО Инфоцентар кое го објавуваме интегрално:
„Последен ваков напад претставува прес-конференцијата на „СОС“, одржана на 4 февруари 2017 година, на која беа изнесени купишта лаги, дезинформации и инсинуации како за работата на НВО Инфоцентарот, така и за работата на голем број други организации кои се залагаат за демократско, слободно општество во кое ќе се почитуваат сите граѓански слободи и права.
Категорично ги демантираме сите паушални и наводни податоци и информации за работата на организацијата, презентирани со една единствена цел да се дефокусира јавноста и да се компромитира репутацијата на НВО Инфоцентарот.
Граѓаните добро знаат дека НВО Инфоцентарот непрекинато веќе тринаесет години работи независно, непартиски и транспарентно, залагајќи се за слобода на изразување, слободни медиуми, демократија и почитување на правата на сите граѓани во Република Македонија.
Имајќи го сето ова предвид, НВО Инфоцентарот бара јавно извинување од СОС за изнесените лаги и клевети, затоа што во спротивно ќе поднесеме тужба за навреда и клевета.
Едновремено, од медиумите кои ги објавија невистините од таканаречената граѓанска инцијатива СОС бараме да го објават овој демант на исто место и со исто времетраење отстапени за изнесените малициозни инсинуации и лаги“, се наведува во соопштението.