Здравствениот дом „Гоце Делчев“ од Делчево со јапонски грант од 33.563 евра ќе добие апарат со доплер за точна дијагностика на кардиоваскуларни заболувања со што ќе се овозможи навремена и прецизна дијагностика, а воедно на пациентите ќе им се олесни целиот процес на воспоставување дијагноза и соодветно третирање.
Ова го истакна денеска Ромина Кајтазова, проектен координатор од НВО КХАМ која потенцираше дека НВО КХАМ од Делчево 15 месеци активно работела и помагала во процесот на подготвување на проектната документација и изготвување на целосна проектна апликација заедно со ЈЗУ „ Гоце Делчев“ Делчево.
– Со тоа нашата општина за прв пат се здобие со апарат за точна дијагностика на кардио-васкуларни заболувања со доплер и ќе сеовозможи прецизна и точна дијагностика. Им порачуваме на сите заитересирани институции доколку имаат потреба од каква било поддршка при подготвување и доставување апликација да ни се обратат директно во просториите на НВО КХАМ Делчево за да им помогнеме во целиот процес, истакна Кајтазова.
Таа додаде дека досега пациентите за ваков вид здравствена услуга биле препраќани во соседните градови или болнички центри.
– НВО КХАМ од Делчево преку здравствената програма активно работи на унапредување на здравјето на жителите на општина Делчево со фокус на Ромите и во подобрување на пристапот на здравствените услуги преку добро воспоставената соработка со ЈЗУ „Гоце Делчев“ Делчево и заедно решавање на дел од бариерите со кои се соочуваат граѓаните на Делчево при процесот на остварување на правото на здравје, истакна Кајтазова.
Директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска, изрази благодарност до Јапонската Влада за донацијата и до НВО КХАМ за поддршката во целиот процес, истакнувајќи дека ова се мали грантови со големо значење за граѓаните на Делчево.
– Јас очекувам дека со овој апарат ќе излеземе пресрет на пациентите со кардиоваскуларни заболувања кои се и најзастапени како патологија и знаат да донесат и несакани последици по животот и здарвјето. Со овој апарат се отвора можноста и да се превенираат одредени здравствени проблеми, особено кај кардиоваскуларниот систем, така што неговото ставање во функција ќе придонесе и за превенирање на тешки нарушувања во кардиоваскуларниот систем. Мора да истакнам дека оддалеченоста до поголемите болнички центри, а со тоа и пристапот до здравствените услуги е најголем проблем и предизвик на нашите сограѓани, имајќи ја предвид патната инфрструктура и лошата социоекономска положба со која се соочуваат болните лица со цел остварување преглед и навременно и рано дијагностицирање на одредено заболување, рече Глигоровска.