Општина Делчево го изработи инфраструктурниот и основниот проект за регулација на речното корито на река Брегалница во должина од 1,1 км или 500 метри низводно и 600 метри нагоре по течението од речното корито, и со овие проекти ќе се аплицира за реализација во европските фондови.
Ова го истакна градоначалникот Горан Трајковски на денешната прес-конференција потенцирајќи дека стручните служиби на општината интензивно работат на изработка на проекти со цел општината да биде подготвена за аплицирање по повици кои редовно се распишуваат од странски донатори или од надлежните органи од Владата.
– Сакам да ја информирам јавноста дека до општината стигна и првиот предлог-проект за градскиот пазар. Проектот за градската капела е изработен и е во фаза на одобрување, а за пешачекиот мост на р. Брегалница е издадено одобрение за градење, се очекува наскоро да се започне со изградба. Во завршна фаза е проектот за фекална канализација во населбата Басарица во делот од населбата покрај патот Делчево-Полето-Киселица. Довршен е проектот за изградба на потпорен ѕид и пропусти на ул. „Маршал Тито“, од касарната до населбата Стара партизанска и Пекара. Во фаза на одобрение за градба е една улица во Габрово, а во фаза на проектирање се три улици во с. Град. Во фаза на проектирање е и доградбата на детската градинка, односно се изборив за бесплатен проект за доградба на детска градинка со капацитет за уште сто деца, истакна Трајковски.
Тој потенцираше дека во овој период се исплатени околу 21 милион денари заостанати обврски.
– Исплатени се десет милион денари за патот Делчево-Вратиславци, граден 2015, 500.000 денари за пешачката патека за Илин Камен, градена во 2011 година, осум милиони денари за реконструкција на улиците „Питу Гули“ и „Светозар Марковиќ“. Првата рата од доградбата на детската градинка, стигнува за наплата во август оваа година. Општината годишно треба да враќа по еден милион денари. Исплатени се 11 заостанати советнички паушали за советници од претходниот состав, како и други обврски спорема пожарникарите, новорденчињата…, рече Трајковски.
Во врска со неодамнешното патување и заради транспарентноста, Трајковски истакна дека работната посета на Турција во целост е финансиски покриена од општина Газиемир, освен 8.000 денари трошоци за гориво и патарини.
– На средбата беа зацртани плановите за идна соработка меѓу овие општини која досега, главно, се одвиваше на полето на културата, а кај градоначалниците на општините Борнова и Газиемир има расположение да се прошири соработката и на економски план, истакнаТрајковски.
Во општинскиот буџет за оваа година се планирани 50 отсто повеќе средства во споредба со лани за изработка на проекти. За реализација на капитални инвестиции во Делчево се планирани 47.792 милиони денари од основниот буџет кој е планиран во висина од 103 милиони денари, додека во вкупниот буџет кој е проектиран во висина од 275 милиони денари, износот на планирани капитални инвестици изнесува 73.123.000 денари.