По повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, денеска во 11 часот во Градски парк на Школка ќе се одржи хуманитарна трка за деца со Даунов синдром – „Run for Down“, во организација на Мечувалечкиот клуб „Ескрим“, кој четврта година по ред го организира хуманитарниот настан за овие лица.
Организаторката на трката и претседателка на клубот „Ескрим“, Билјана Кузмановска, за МИА изјави дека мечувалечкиот клуб разви платформа со која се вклучи во работата со лица со попреченост, поточно работа со деца со Даунов синдром, и оти има видлив напредок во нивниот целокупен развој.
Кузмановска вели дека мечувањето како спорт е исклучителен за здрав психофизички развој на децата и младите, бидејќи дава широка палета на способности што се развиваат.