Состојбата со браната на акумулацијата Слатино се уште е непроменета и се преземаат соодветни мерки за да не дојде до нејзино целосно уривање, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Од Центарот апелираат до средствата за јавно информирање да не излегуваат со информации кои не се проверени од надлежен орган, со цел непотребно да не се создава паника во јавноста.
Имено, во текот на вчерашниот ден екипа на РЦУК Охрид и присутни претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање извршија стручно согледување на оштетувањата и препорачаа да се изврши контролирано испуштање на вода од акумулацијата преку испустните цевководи.
Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид, се подвлекува во соопштението, на самото место со свои екипи за интервенција пристапи кон отворање на клапните од цевководите и при тоа се ослободи цевководот со пречник од 350 милиметри, а додека цевководот од 450 милиметри нема технички можности да се отвори. Количествата на вода кои истекуваат од браната се проценуваат на 4-5 м3 /сек., што е приближно исто со дотекот во акумулацијата од Мраморечката река и изворите непосредно на брегот од акумулацијата.
Вкупното оштетување на браната во овој момент е со должина од 15-20 метри од круната на браната и со висина од околу 18 метри и при тоа висината на земјениот насип во зоната на оштетувањето не е поголема од 1 метар од страната на водата.
Од почетокот на настанот на самото место има претставници на општината Дебарца, како и на СВР Охрид кои вршат обезбедување на самото место и поширокиот реон, конкретно на патниот правец од село Издеглавје кон село Слатински Чифлиг и село Слатино. Оперативниот центар на ПОРКОА – РЦУК Охрид е во постојан контакт со чуварот на браната и ја следи состојбата.