CIVICA Mobilitas додели грантови за граѓанските организации

Од:

На свечениот настан одржан во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, организиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Центарот за институционален развој – ЦИРа, во рамките на програмата „CIVICA Mobilitas“ беа доделени грантови на 23 граѓански организации и здруженија кои се стремат да придонесат кон позитивни демократски промени и развој на општеството во целина. Грантовите свечено ги додели Амбасадорот на Швајцарија во Република Македонија, Н.Е. г. Стефано Лазарото и притоа истакна: „Се надевам дека со овие грантови ќе ја подобриме демократијата и ќе ги подобриме демократските процеси, а истовремено ќе ги зајакнеме капацитетите на граѓанските организации во Македонија со цел поефикасно цивилно општество“. На овој настан, на кој присуствуваа и голем број претставници на граѓански организации и на меѓународни и домашни институции, воедно беа претставени и граѓанските организации и здруженија кои добија институционална и проектна поддршка за 2013 година.

Делокругот на работа на организациите-добитници на грантовите е во сферата на доброто владеење, транспарентноста и отчетноста, човековите права и меѓуетничките односи, урбанистичкото планирање, културата и младита, социјалната заштита, образованието, родовата еднаквост, регионалниот развој, руралниот развој и здравството, а своите активности ќе ги реализираат во сите единици на локална самоуправа во Република Македонија.

Вкупната вредност на програмата „CIVICA Mobilitas“ е над 5 милиони швајцарски франци, а нејзина главна цел е да придонесе кон зајакнување на улогата на граѓанските организации и нивната одржливост. Ова е четвртта година по ред каде преку програмата „CIVICA Mobilitas“ се поддржува работењето на невладиниот сектор во Република Македонија. Во изминатиот период, вкупно 59 организации добија финансиска поддршка во вкупна вредност од над 200 милиони денари.

„Програмата „CIVICA Mobilitas“ која е финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка претставува важна алатка во зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и во креирање на здраво општество. Преку грантовите кои ги доделуваме на организациите оваа година веруваме дека ќе ги унапредиме односите во повеќе области„ – изјави Зоран Стојковски, извршен директор на ЦИРа.

Би можело да ве интересира

Конкурс за зелени проекти за традиционални бизниси

Емир Латифовиќ

Завршна сесија на Форумот во заедницата на општините Босилово и Василево

Емир Латифовиќ

За прв пат во Македонија граѓаните ќе креираат „Круг на хуманоста“

Емир Латифовиќ

Започна проектот „Да создадеме подобра иднина“

Емир Латифовиќ

Животната средина наспроти урбанистичката експанзија

Емир Латифовиќ

За 6 месеци се регистрирани нови 378 граѓански организации

Ана Ололовска