Една година пред истекот на мандатот на амбасадорот Кристофер Ивон британската влада веќе го одреди неговиот наследник.
Според информациите од официјални извори во Лондон, нов дипломатски претставник на британската кралица во Македонија ќе биде Чарлс Гарет, а Ивон ќе биде префрлен на друга дипломатска служба, објави „Утрински весник“.
Гарет треба да ја преземе функцијата во летото 2014 година. Гарет е во британската дипломатска служба 26 години. Службувал во Европа – на Кипар и Швајцарија; и во Источна Азија – Хонгконг и Тајван. Лани ја извршуваше функцијата шеф за меѓународни односи на организацискиот комитет на Олимписките игри во Лондон, а потоа беше префрлен како офицер за надворешни работи во тимот што го подготвуваше дијамантскиот јубилеј на кралицата Елизабета. Гарет на тоа место службува и сега.
И последните две функции ги извршува како член на министерството за надворешни работи.
Откако беше именуван Гарет за медиумот што ги следи настаните во британската владата изјави:
„Почестен сум што сум именуван за британски амбасадор во Македонија. Се надевам дека ќе работам со македонија на прашања од важност за двете земји и ќе придонесам за развој на политичките и економските односи“. Гарет е оженет и има пет деца.