Претседателот на ОО СДСМ-Центар, Саша Богдановиќ, поднесе претставка до МВР за инцидентот што се случи по кошаркарскиот натпревар меѓу Работнички и МЗТ на 1-ви мај.
Еве што напиша Богдановиќ во претставката:
„Врз основа на член 8 и член 81 од Законот за полиција, а во врска со член 58 од Законот за внатрешни работи до Вас ја поднесувам оваа претставка за примена на полициски овластувања од страна на вработени лица во Министерството за внатрешни работи, а под директна наредба на Зоран Стамчевски, бидејќи сметам дека се повредени моите слободи и права, како последица на неоснованост, неоправданост и неправилност на употреба на средство за присилба против мене.
Имено, на ден 01.05.2015 година, пред салата на КК Работнички АД Скопје, а по завршување на кошаркарскиот натпревар помеѓу КК Работнички и МЗТ Скопје, во 21 часот и 30 минути, кога кошаркарите на КК Работнички ја напуштаа салата на клубот, јас и еден од поддржувачите на клубот сакавме да ги поздравиме играчите на КК Работнички, кои и лично ги познавам. Во тој момент, полициските службеници агресивно побараа другото лице да се идентификува, на што јас кажав дека нема потреба од агресија и употреба на сила, по што бев физички совладан, односно легнат на земја, а еден од полицајците започна да ме удира со нога по глава. Бев држен на земја и удиран по глава, по што ме кренаа и ме однесоа до најблиското полициско комбе, на кое ме држеа 10–15 минути и ме удираа, по што бев внесен во комбето и приведен во ПС Центар – Беко, каде бев и задржан. Во полициската станица дел од Вашите вработени беа зачудени зошто воопшто сум приведен и донесен во полициска станица, по што лицето кое ме спроведе во станицата веднаш побара да биде повикан јавен обвинител. На моето прашање што точно сум сторил, најпрвин одговорот беше дека сум ги навредувал полициските службеници, за потоа да ми биде соопштено дека сум одбил наредба на полицијата. Кога беше добиен одговор дека нема основ да дојде јавен обвинител, полицискиот службеник итно побара да дојде инспектор. Во меѓувреме, беше изготвен записник за констатиран прекршок, на кој реагираше мојот бранител, бидејќи истиот сметаше дека нема основ за негово издавање, но јас сепак го потпишав приемот на истиот. За целото време додека бев држен во полициската станица укажував дека воопшто не ми е добро, дека ме боли главата и дека ми се врти. Откако ме пуштија на слобода, веднаш заминав во најблиската болница, каде ме однесоа моите пријатели, бидејќи не бев во состојба сам да заминам до болница.
Од досегашното искуство со Вашите вработени не може, а да не добијам впечаток дека намерно се користи секое мое присуство на било кое јавно место на јавен собир за да бидам третиран на несоодветен начин и покрај фактот дека не сум преземал ниту едно дејство или постапка која укажува на противправно постапување за кое е потребна полициска интервенција. Ова за мене е дотолку дискутабилно, што во конкретниот случај е постапено спротивно на сите одредби, правила и норми за начинот на постапување на полициските службеници.
Имено, согласно член 3 од Законот за полиција, јасно е наведено дека основна функција на полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството. Во член 32 од истиот закон е определено дека во извршувањето на полициските овластувања, полицискиот службеник е должен да постапува хумано и да ги почитува достоинството, угледот и честа на лицата како и основните слободи и права на човекот и граѓанинот. Законот за полиција јасно пропишува дека примената на полициските овластувања мора да биде сразмерна на потребата заради која се преземаат, а од полициските овластувања се применуваат само оние со кои со најмалку штетни последици и во најкраток временски период ќе се оствари целта.
Конкретниот случај, а во врска со погоре цитираните законски одредби, јасно упатува на дискрепанца помеѓу „наредбата“. За мене останува нејасно која наредба сум ја одбил? Што ми било наредено да сторам? На кој начин требало да постапам? Што се случувало за да има потреба од наредба? Предупредувањето и наредувањето се вршат на јасен, недвосмислен и разбирлив начин, како што е и пропишано во член 56 од Законот за полиција.
Со член 55 од истиот закон јасно се наведени случаите кога се издава усна наредба и тоа: да се заштити животот и личната сигурност на луѓето и имотот; да се спречи извршување на кривично дело или прекршок, да се обезбедат траги од кривично дело и предмети што можат да послужат како доказ во кривична или прекршочна постапка; да се одржи или спречи нарушување на јавниот ред и мир, како и за воспоставување на нарушен јавен ред и мир; заштита на сигурноста на објекти и личности кои се обезбедуваат; контрола, регулирање и безбедност во сообраќајот на патиштата; обезбедување на државната граница и контрола на преминување на државната граница и спасување на луѓето и отстранување на последиците од природни непогоди и други несреќи.
Она што уште повеќе зачудува е фактот што ниту еден од законски определените случаи не се однесува на мојот случај. Да имало потреба од воспоставување, одржување или спречување нарушување на јавниот ред и мир, усната наредба би била издадена кон повеќе лица. Ова е особено збунувачки, дополнително што во Записникот за констатиран прекршок е наведено дека сум сторил прекршок предвиден во член 14 од ЗППЈРМ, а дека правното обележје на прекршокот е определен во член 13 од ЗППЈРМ, па оттука дали сум навредувал службено лице или сум постапувал спротивно на наредба, не само што е нејасно, туку е и несоодветно на фактичката ситуација.
Дискутабилно е и моето приведување од причина што приведувањето е јасно дефинирано со Законот за полиција, па оттаму е апсолутно несомнено дека полициските овластувања се злоупотребени, бидејќи ниту сум пружал отпор, ниту пак за мене е распишана потерница. Ова се однесува и на моето задржување во полициска станица, што е сосема безсмислено.
На крајот, употребата на физичка сила има за цел одбивање на напад, спречување на бегство на лице или совладување на отпорот од тоа лице. Наводно издадената наредба која не сум ја извршил нема никаква допирна точка со она што законодавецот го предвидел. Оттука се поставува прашањето: За што служат полициските службеници? Да ги штитат граѓаните или пак граѓаните да се штитат од нив?
Од сето наведено произлегува дека врз мене се извршени полициски дејствија кои упатуваат на пречекорени овластувања и се употребени средства за присилба кои се применуваат за лица со дебело криминално досие. Морам да напоменам дека како последица на неоснованото и неоправданото постапување на Вашите вработени, во болница ми беше констатирана и контузија, а медицинската документација Ви ја доставувам во прилог.
Имајќи предвид дека бев и јавно повикан да ја поднесам оваа претставка, како и фактот дека сум директор на јавно претпријатие кој и во минатото бил изложен на напади за кои се уште немате преземено никакви мерки, а на кои благовремено сум реагирал и сум бил секогаш достапен за соработка, се надевам дека овој пат за овој случај, ќе ја испочитувате Вашата законска обврска да ме известите во рок од 30 дена од денот на приемот.“