Бобан Павловски од Охрид го фати Светиот крст во реката Вардар што денеска напладне од мостот кај „Холидеј ин“ го положи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Павловски на сите им посака среќа и бериќет, а по повод фаќањето на крстот доби икона, златник и други подароци.
На чинот на положувањето на крстот во Вардар присуствуваа премиерот Емил Димитриев и градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Пред големиот број граѓани г.г. Стефан порача дека верските празници треба да не потсетат како живееме и како постапуваме кон себе и кон другите, да ги измијат сите лоши мисли и да донесат духовно освежување за да можеме да создаваме дела достојни на нашето човечко и христијанско постоење.
– Не е доволно да бидеме само крстени, да ја примиме светата тајна, туку е потребно да живееме според законите и заповедите на верата, да создаваме дела достојни на името што го носиме, а тоа пред се подразбира нашиот живот да го красат човекољубието и богољубието зашто не можеме да го сакаме Бога, а да ги мразиме луѓето. Како христијански народ, посебно оваа наша генерација, да се прашаме дали ја исполнуваме најсветата обврска и пред родот и пред Бога, дали во нашите постапки го има потребното човекољубие и родољубие и колку нашите меѓусебни односи го потврдуваат нашето богољубие, истакна г.г. Стефан.
За фаќање на крстот во Скопје беа пријавени над 100 граѓани, а кум на манифестацијата беше Димитриј Јовановиќ, сопственик на ресторанот „Стара куќа“.
Богојавление – Водици се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој од тогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати Светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со спуштањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.