Министерот за правда Блерим Беџети денеска учествуваше на импровизирана судница што ја организираа студентите и професорите на Правниот факултет на Државниот универзитет во Тетово.
– Сакаме да ги поддржиме и стилулираме студентите и професорите од ДУТ во спроведувањето на овој проект како практичен дел што е многу важен за подигањето на квалитетот на студиите. Оние студенти што ќе се определат да станат судии и обвинители, но и членови на други институции од судскиот систем на овој начин можат да видат во пракса како се одвива еден судски процес, изјави Беџети.
Освен практичниот дел, како што посочи, потребно е студентите од сите правни факултети од универзитетите во Македонија да бидат во тек со реформите што се спроведуваат во правосудството. – Потребно е да бидат во тек за усогласувањето на македонското со законодавството на ЕУ што во краен случај ќе има подигање на квалитетот како на судскиот систем, така и на студирањето воопшто во нашата држава, рече министерот Беџети.
Според деканот на Правниот факултет на ДУТ, Мерсим Максути судската седница треба да ја преточи торијата што студентите ја стекнале за време на предавањата во пракса, бидејќи во овој случај тие ќе бидат судии, поротници и обвинители.
– Сакаме на практичен начин студентите да ги увидат правилата, текот и сите диспозиции во текот на еден реален судски процес што е во склоп и на практичната настава на нашиот факултет, изјави Максути.