Граѓанската иницијатива АМАН испрати сооппштение во кое потсетува дека на 18.10.2012 година до Претседателот на Собранието на Република Македонија достави предлогот за покренување на граѓанска иницијатива за донесување на Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика.
„По добивањето на предлогот, а согласно член 191 од Деловникот на Собранието, Претседателот е должен предлогот веднаш да го достави до Законодавно-правната комисија, која за уредноста на иницијативата треба да одлучи во рок од два работни дена и своето мислење да го достави до Претседателот.
– Сметаме дека предлогот за покренување на иницијативата е уреден, поради тоа што внимававме на сите законски одредби за постапката за собирање на потребните 100 потписи, а согласно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување и автентичното толкување на Собранието на Република Македонија на член 66 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување.
– Според автентичното толкување на Собранието, потребните 100 потписи за предлог за покренување на граѓанска иницијатива се собираат на образец пред органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право, односно Државната изборна комисија, согласно Изборниот законик.
– Го повикуваме Собранието да постапи во роковите определени со Деловникот, за да може што побрзо да ја отпочнеме постапката за 10 000 потписи“, пишува во соопштението од АМАН.