[staff name=”Јасна Атанасова” position=”Автор”][/staff]Граѓанската иницијатива АМАН вели дека ќе продолжи до онаму до каде што може преку сите легитимни форми на граѓански активизам, откако републичкото Собрание не даде поддршка на првото читање на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика поднесен со 13,169 потписи.
АМАН сметаат дека е срамно однесувањето на пратениците кон нивниот претставник на денешната дискусија во Собранието на Република Македонија.
„На еден обичен граѓанин којшто претставуваше над 13 илјади потписи, му се дофрлуваше од место, а за тоа не беа предупредени од спикерот на Собранието што мислам дека е голем пропуст на спикерот. Нашиот претставник беше повикуван со најразлични имиња, а кога од говорницата нашиот претставник констатираше дека има услови на нарушена парламентарна демократија, штом ги изговори тие зборови, имаше бурна реакција, нашиот претставник не обвини кој е виновен за таа ситуација, само ја констатираше вистината бидејќи реално е дека постои бојкот на опозцијата. Целата ситуација укажува дека во моментов ние навистина имаме делигитиминирано Собрание бидејќи кога еден обичен граѓанин се соочува со еден таков однос на народните избраници, тоа е еден јасен приказ каде сме ние во моментов како држава.“ вели Петрит Сарачини, од граѓанската иницијатива АМАН.
Според Сарачини се случува промена, но полека.
„Пратеничката Владанка Авировиќ од СПМ, ако го погледнете списокот на пратениците кој како гласал, ќе видите дека таа воопшто не гласаше, а беше најгласната. Сакавме барем да го видиме нејзиниот глас преку копчето за гласање. Пратеникот од Битола на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно поради две илјади потписи на битолчани гласаше воздржано. Значи нешто сепак успеваме да промениме во свесноста на пратениците, но тоа е сосема малку“, рече тој.
Покрај тоа, Сарачини рече дека Агенцијата за енергетика и Регулаторната комисија за енергетика се подготвени за разговор со АМАН и од тука ќе започнат нивните понатамошни активности. Доколку е потребно, ќе преминат и на референдум.
„Реферндумот е нависитина тешка работа. Собирањето на 150 илјади потписи не е лесно, ние за собирање на овие потписи се соочивме со навистина големи притисоци, но доколку мораме ќе тргнеме и на тоа“, велат од АМАН.
Иницијативата предложи и струјата на ЕЛЕМ да ја трошат само домаќинствата, а индустриските капацитети да увезуваат струја, бидејќи компанијата ЕЛЕМ е државна компанија, односно како што велат тие, компанија на граѓаните.