Бидејќи транспарентноста и отчетноста се основните вредности на политичкото дејствување на Алијанса за Албанците, денеска на јавноста и ја презентираме Декларацијата за владините определби, договорена меѓу претседателот, Арбен Таравари и премиерот, Димитар Ковачевски, која премиерот ќе ја потврди пред народните избраници и граѓаните, соопштија од партијата.
„Оваа декларација е камен-темелник на нашата идна работа во рамките на владината коалиција. Дефиниравме пет приоритети поделени во 22 конкретни заложби, за кои со сета енергија ќе се ангажираме до крајот на мандатот.
Со цел да ги имплементира овие обврски, Алијанса за Албанците ги избра најдобрите во своите редови да ги предводат своите сектори во владината коалиција:
Кренар Лога, министер за правда.
Фатмир Меџити, министер за здравство.
Азир Алиу, министер за информатичко општество и јавна администрација.
Вјолца Бериша, заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тирон Јајага, заменик министер за одбрана.
Овој тим ќе биде поддржан од голем број функционери распоредени низ многу дирекции и агенции во сите области од јавниот живот“ соопштуваат од Алијанса за Албанците.
Оттаму посочуваат дека „приклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата се заснова на принципите на внатрешна демократија и демократизација на општеството, во време кога Северна Македонија се соочува со голем број на кризи, кои што сите ја одредуваат прозападната ориентација на земјата“.