Тоа што се случи во изминатиот период од година и пол не ни дава за право да бидеме оптимисти и да кажеме дека на 31 август политичките чинители ќе седнат и ќе речат дека сето ова е добро и дека се оди на избори, вели Дарко Алексов од граѓанската асоцијација Мост во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Девет невладини организации и неколкумина поединци излеговте со документ за итни реформи коишто треба да се спроведат во општеството. Ден подоцна партиите се договорија за прочистувањето на избирачкиот список, медиумите, владата… Колку според вас овој договор што го постигнаа партиите може да донесе фер и кредибилен изборен процес?
Граѓанската асоцијација МОСТ во изминатите 14 години никогаш не ги третирала партиските договори. Граѓанската асоцијација МОСТ го третира системот и процесите во системот, бидејќи самиот систем е составен од процеси. Независноста на системот и независноста на процесите се наш приоритет, што впрочем провејува и во предлогот за итни реформи. Две работи. Првата е политичката волја, односно независност на процесите и на институциите во системот за да се спроведе каков било договор. Тоа што се случи во изминатиот период од година и пол не ни дава за право да бидеме оптимисти и да кажеме дека на 31 август политичките чинители ќе седнат и ќе речат дека сето ова е добро и дека се оди на избори. Зошто? Заради тоа што предизвиците кои ќе излезат во процесот на имплементација на ова што сега го имаат поставено како обврска да се сработи ќе треба да има политичка волја истите тие да бидат надминати и за да се дојде до крајниот резултат. Таквите предизвици во минатото не беа надминувани, односно се одеше праволиниски и секој си го читаше документот како што сака. Со други зборови, непостоењето на независни процеси и непостоењето на систем составен од независни институции во голема мера креира доза на песимизам дека сето ова сега што како – така е договорено во рамките на последните преговори ќе се сработи во предвидениот рок.