Адвокатот на Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница за проневера на пари во „Државна лотарија“ поднел жалба на одлуката за притвор, потврдија од Кривичен суд-Скопје.
Оттаму велат дека одлука ќе се донесе во следните денови.
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државната лотарија. Јавното обвинителство претходно соопшти дека ќе побара од МВР да распише потерница по Груби и Бајрами, на кои Основниот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена, а кои моментално се недостапни за органите на прогонот.
Адвокатот Антонио Апостолски ќе го застапува поранешниот директор на Лотарија, Бајрами, во случајот за кој тој заедно со поранешниот вицепремиер Груби и уште неколкумина е осомничен за проневера на околу осум милиони евра во Лотарија. Информацијата вчера ја потврди самиот Апостолски, кој рече дека Бајрами не е избеган од државата туку веќе неколку месеци живее надвор од земјава.
Премиерот Христијан Мицкоски во врска со бегството на Груби, од Брисел порача дека со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен.
-Артан Груби и сите оние за кои постои основано сомнение дека сториле криминал, треба од страна на Обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка, врз основа на доказите. Со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен. Јас ги разбирам, не ги оправдувам пораките кои што доаѓаат од опозицијата, а ние само со дела можеме тие шпекулации да ги сопреме, порача премиерот Христијан Мицкоски, рече Мицкоски.
Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, рече дека полицискиот службеник, којшто го завел Груби како пешак е суспендиран.
-Сите докази што се во насока на расветлување на случајот со излезот на лицето кое што сега е недостапно на органите на прогон и треба да се искористат во рамки на оваа постапка се обезбедени од страна на МВР, односно МВР поседува видео запис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службеник којшто бил во тој момент во рамки на граничната полиција, наведе Тошковски во видеото објавено на неговата Фејсбук страница.
Додава дека против истиот наредниот ден се преземени сите истражни постапки и врз основа на истите е доставено известување до надлежното јавно обвинителство, а тоа е Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-Во текот на денешниот ден по консултација со надлежниот јавен обвинител ќе биде изготвена кривична пријава која што ќе биде наредниот ден, односно утре поднесена до надлежното јавно обвинителство, информира Тошковски.