Адвокатите на Мукоски, Тарчуловски и Доцевска-Божиновска не добија пари за 27 април

Од:

Адвокатите кои ги бранеа помилуваните пратеници Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски, како и помилуваната Елена Доцевска-Божиновска на судењето за настаните од 27 април останаа без парите кои ги побараа за адвокатски трошоци од скопскиот Кривичен суд за овој предмет.

Судот му овозможи увид на „А1 он“ преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во поднесените барања и одбиени решенија за исплата на трошоците на адвокатите.

Од увидот може да се констатира дека најмногу пари за адвокатски услуги кои се на товар на буџетот, побарале адвокатите на: Елена Доцевска Божиновска, 16.404.240 денари, т.е. приближно 260 илјади евра; aдвокатот на Крсто Мукоски побарал 159 илјади евра (9.759.758 денари) за 40-ина рочишта, за состав на поднесоци, за жалби до кривичен совет и на обвинетиот Јохан Тарчуловски, вкупно 135 илјади евра (8.283.600 денари).

Тројцата судии Огнен Ставрев, Горан Бошевски и Џенета Бегтовиќ, ги прифатиле правните образложенија на судијката која го судеше случајот, Добрила Кацарска, дека чинот на амнестија претставува милост од државата, а за обвинетите кои беа амнестирани нема донесено ниту одбивателна ниту ослободителна пресуда за да бараат трошоци за адвокатите.

Oсвен тоа во образложението е наведено дека во Законот за амнестија не е предвидено дека на адвокатите им следуваат надоместоци за трошоците. Првично адвокатите на тројца обвинети побарале приближно два милиони евра за адвокатски трошоци.

Во образложението на решението, кое, третиот пат, по две укинувања, го потврдил кривичниот совет на судот, судијката Кацарска нотирала „… Крсто Мукоски не е ослободен од обвинение, ниту е донесена ослободителна пресуда. Обвинетиот не бил принуден да бара амнестија, туку можел да бара ослободителна пресуда, во кој случај би му следувале трошоци“.

Според Законот за кривичната постапка, кога ќе запре постапката или кога ќе биде донесена пресуда со која обвинетиот се ослободува од обвинението или, пак, со која се одбива обвинението, трошоците на обвинетите и наградата на адвокатите се на товар на буџетот на државата.

Богдан Илиевски, кој беше помилуван со Законот за амнестија, за „А1 он“ рече дека ниту тој, ниту неговиот адвокат, не барале исплата на адвокатски трошоци.

„Морално и етички, сметам дека не ни следува отштета од 150-200 илјади евра во овој случај и во овој момент, по ниедна основа. Да, сите сме оштетени во случајот со одземањето на слободата, со целосното изместување од колосек на животите на нашите најблиски, сите сме задолжени и ja плаќаме цената на нашето притворање, но се` додека има луѓе на кои им е одземена иднината и чии семејства живеат во секојдневен траор, страв и неизвесност, сe` додека има луѓе кои се неправедно осудени и лежат во затвор за нешто што не го сториле, перверзно е ние кои не сме осудени да размислуваме, а камо ли да земеме од грстот со 30 златници“, рече Илиевски. Тој не одговори конкретно дали тој самиот ќе ги плати адвокатските трошоци за неговиот бранител во постапката.

Амнестирани во судењето за 27 април беа 15 лица, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и водачите на движењето „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, режисерот Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски…

Од 18 неамнестирани обвинети за организираниот насилен напад во Собранието на 27 април 2017, на вкупно 211 години затвор беа осудени 16. Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, а за обвинетиот Сашо Марковски се води одвоена постапка поради болест.

Би можело да ве интересира

Судењето за „Организатори на 27 април“ одложено за 30 април

Судењето за „Организатори на 27 април“ одложено за 30 јануари, се чека мислење од Врховен за Законот за амнестија

Горан Наумовски

Кривичен суд ги отфрли како неосновани барањата за амнестија за случајот „Организатори на 27 април”

Мисајловски: Одлуката од Стразбур за Елена Доцевска Божиновска е победа на правда, а пораз за власта

ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката на Стразбур е доказ дека 27 април беше политички процес кој имаше за цел притисок врз опозицијата и обезбедување гласови за уставни измени

Реакција на Кривичен суд: Апелационите судии наместо да ги држат по една година и да ги враќаат предметите можат мериторно да одлучуваат

Горан Наумовски