Алијанса за Албанците на претседателот Арбен Таравари одржа прес-конференција во партиското седиште во Тетово, каде беше истакнато дека излегле на виделина, измамите на министерот за здравство Азир Алиу, во врска со вработувањето на 155 здравствени работници во Клиничката болница во Тетово. Тие тврдат дека иако Алиу добил негативен одговор од Фондот за здравствено осигурување, тој ја продолжил политичката „драма“, изјавувајќи дека здравствените работници во Клиничката болница во Тетово ќе добијат решенија.
-Денеска го потсетуваме министерот дека поминаа речиси десет дена од одржувањето на тестирањето – каде, покрај работниците кои чекаат со години, имаше и многу активисти на ВРЕДИ и сите беа излажани на ист начин. Како што и најавивме, Азир Алиу јавно измами. Законот за избори, член 8-а, точка 1, став 3, е јасен: од денот на распишување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица или да се прекине работниот однос во јавните институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен за итни и неопходни работи. Вработувањето на медицинскиот персонал – колку и да е важно – не се смета за итност во законска смисла, бидејќи постојниот персонал има важечки договори и не спаѓа во категоријата на неопходни работи, истакна Генц Селмани од партискиот оддел за здравство.
Алијанса за Албанците го поставува прашањето дали целта на министерот Алиу била само политички маркетинг и најавија дека ќе покренат соодветни постапки пред државните институции.
-Или тоа беше метод за користење на достоинството на медицинскиот персонал за изборна корист, ветувајќи им на сите дека ќе ги вработи по изборите? Ова не е само неприфатливо, туку и политичка уцена, поигрувајќи се со придонесот, стручноста и егзистенцијата на луѓето. Алијансата за Албанците ќе поднесе претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, за да ги испита постапките на Азир Алиу и да спречи каков било обид за манипулација со медицинскиот персонал на Клиничката болница во Тетово. Исто така, бараме да се стави крај на партиските списоци, осигурувајќи работните места да им припаѓаат на мериторните работници, а не на партиските активисти, рече Селмани.
Според него, ова е најголемата лага и манипулација, направена некогаш со здравствените работници и граѓаните воопшто, по измамата за вработувањето на 2.500 Албанци.