Со помен парастос отслужен на селските православни гробишта во Челопек како и на разурнатиот мотел Бриони, роднини, пријателите и колеги денеска ја одбележаа 12 годишнината од смртта на Боге Илиевски и Светислав Трпковски.
Тие загинаа на 26 август 2001 та година откако со динамит биле врзани за потпорните столбови и кренати во воздух со мотелот Бриони кај Челопек.
Загинувањето на Илиевски и Трпковски се случи 2 недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и 5 дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир.
И по толку време се уште не се знаат сторителите, а овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи. Во старата состојба е и разурнатиот мотел Бриони бидејќи дел од албанското население од Челопек се спротиставува земјоделската задруга Единство да продолжи да стопанисува со него. И денеска никој од роднините не сакаше да даде официјална изјава бидејќи како што рекоа и по 12 години од злосторството државата не ги открила и казнила сторителите.