Димитар Ковачевски излезе од бизнисот со фотоволтаици, но, неговата сопруга, Елена Ковачевска, влегува во бизнисот со производство на електрична енергија преку компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, во која се јавува како една од петтемина сопственици. Компанијата планира да гради енергетски капацитет со моќност од 1.8 мегавати.
„Сол груп 5 ДОО Скопје“ во улога на инвеститор, нарачала и во август минатата година добила готов урбанистички проект со намена за површински и соларни фотоволтаични електрани, односно за изградба на фотоволтажна централа од 1.8 мегавати во Радовиш.
„А1он“ ги посети катастарските парцели наведени во урбанистичкиот проект. Локациски, патот нè однесе во некогашното село Раклиш, кое денеска е населба на општина Радовиш. На терен просторот е ограден со бетонски столбови и бодликава жица со предупредување за висок напон.
Според податоците од урбанистичкиот проект, парцелите имаат површина од 22.224 метри квадратни, додека само на пола од нив, односно 11.056 метри квадратни е развиена површина за градба, каде е предвидено да никне централата за производство на електрична енергија од сончеви зраци. Врз основа на урбанистичкиот проект и потврдата издадена од Министерството за транспорт и врски, веќе е направена и промена на катастарските парцели – од ниви во градежно неизградено земјиште.
„А1он“ побара и доби увид во историјатот на катастарските парцели. Документите покажуваат се работи за пет катастарски парцели кои компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“ ги купила на 22 декември 2020 година од лицето Димитар Тренчев.
Со оглед на тоа дека купопродажбата е извршена преку нотар од Радовиш, не успеавме да ги добиеме и купопродажните договори со цел да провериме колкава била почетната инвестиција на компанијата за купување на земјиштето. Покрај Ковачевска, лицето Димитар Тренчев исто така се појавува како еден од основачите и сопствениците во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“, формирана во октомври 2020 година. Само два месеца подоцна, Тренчев ѝ ги продава на компанијата парцелите, во која е и косопственик.
Од Министерството за транспорт и врски за „А1он“ потврдуваат дека целокупната постапка за донесување на урбанистичкиот проект ја воделе во 2021 година.
„Министерството за транспорт и врски донесе позитивно мислење, планот е одобрен и направен е преклоп во Агенцијата за катастар за недвижности. Со тоа, постапката во Министерството завршува“, велат од институцијата.
До овој момент, „Сол груп 5“ нема поднесено барање за добивање одобрение за градење до Министерството за транспорт и врски, ниту, пак, барање за издавање лиценца за производство на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика, која е претпоследна инстанца, пред компанијата да може да излезе на пазарот за продажба на електрична енергија.
Според урбанистичкиот проект, за изградба на фотонапонската електрана е предвидено да се вградат фотонапонски модули од производителот „Пиксел гроуп“. Тоа е компанијата на кумот на премиерот Ковачевски, Горан Паунов, кој периодов е актуелен во јавноста поради добиените исплати од Фондот за иновации и државна помош изминатите години токму за „Пиксел гроуп“, но и за неговата друга компанија „ЕОЛ Квазар“, за која има и кривична пријава во Скопското обвинителство за лажно спроведен надзор за улично осветлување во Гази Баба. Покрај овие две, Паунов формираше и нова компанија „АЕ Солар АД Тетово“, во тамошната индустриска зона, заеднички со друга бугарска компанија, чиј сопственик, пак, Илко Јоцев е поранешен бугарски министер за енергетика.
Според податоците од Централниот регистар, во компанијата „Сол груп 5 ДОО Скопје“ има пет сопственици. Покрај Елена Ковачевска и Димитар Тренчев, како сопственик се појавува и Кирил Паунов, син на кумот на Ковачевски, кој е заведен и како управител на компанијата. Во низата сопственици е и името на Светлана Тунџева, која е сопруга на директорот на Агенцијата за катастар за недвижности, Борис Тунџев. Адресата која е наведена како седиште на „Сол груп 5 ДОО Скопје“, на терен е и седиште на компанијата на Тунџева, „Геопроект инженеринг ДОО СКОПЈЕ“. Последен на листата е Здравко Тумбовски, татко на контроверзниот бизнисмен Загорац Тумбовски, кој беше поврзан со аферата „каса-прими“ и давањето половина милион евра на рака на тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Уделот во компанијата на Елена Ковачевска е пријавен во анкетниот лист на премиерот. Пријавениот удел е во вредност од 62.000 денари, сума идентична на нејзиниот основачки влог во компанијата.