Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска на „Глобалниот форум за храна и земјоделство“, во Берлин, заедно со присутните 70 министри за земјоделство, ги усвоија заклучоците од заедничиот извештај-„Коминике2018“ за „Обликувањето на иднината на сточарството – одржливост, одговорност и ефикасност“.
Министрите за земјоделство од целиот свет беа согласни дека сточарското производство на глобално ниво ќе треба да одговори на зголемената побарувачка на ефикасен и одржлив начин и ќе мора да ја подобри профитабилноста на фармерите. На пленарната сесија беше потенцирано дека сточарството како гранка има голема улога во борбата против гладот и намалувањето на сиромаштијата.
Потпишаниот заеднички извештај ги опфаќа целите за унапредување на сточарството, мерките што треба да се преземат за развој на оваа гранка, мерки за обезбедување на безбедност на храна и исхрана,подобрување на животниот стандард преку развој на сточарството, мерки за заштита на природните ресурси, заштита на животната средина и решавање на климатските промени, како и мерки за подобрување на здравствената заштита на животните и благосостојбата на животните.
Пред усвојувањето на заклучоците од заедничкиот извештај, министрите беа поделени во 4 групи, каде што ги презентираа моменталните состојби со сточарството и идните политики на Владата на земјата од каде што доаѓаат. Во рамки на овие дискусии, министерот Николовски посочи дека идните политики на Владата на Република Македонија се во насока на развој и инвестиции во сточарството. При тоа, Николовски појасни дека фокусот е на мерките за поддршка на младите земјоделци, кои ќе имаат влијание врз подобрување на животниот стандард.
Инаку, усвоениот извештај предвидува конкретни активности и меѓународна соработка, со цел сточарското производство и сточарството да биде поодржливо, одговорно и ефикасно, преку обезбедување на соодвтени природни, технолошки, финансиски ресурси и пазари, како и преку интензивирање на соработката со сточарите, бизнис секторот и експертската јавност.
Со оваа декларација се обезбедува поттик и истакнување на потенцијалните области за политичка акција и поттик за меѓународните тела, како што се Организацијата за храна и земјоделсво на ОН (ФАО), Светската Организација за Здравствена заштита на Животните (ОИЕ) и Светската Здравствена Организација (СЗО), како поединечно, така и со договорената трипартитна соработка, Светската Банка и Светската Трговска Организација (СТО), да ги интегрираат посочените области во извештајот во нивните стратегии.
Со заклучоците од извештајот, министрите повикуваат на организирана акција од страна на сите релевантни засегнати страни, кои треба да се вклучат во унапредувањето на сточарството за да се поддржи Агендата 2030 за Одржлив Развој, а која треба да биде во насока на мерки за одржливо, ефикасно и поодговорно производство на храна од животинско потекло, развој на истражувачки технологии, поголемо внимание на здравствената заштита и благосостојба на животните,одговорни и ефикасни системи за сточарство, едукација на земјоделсците и јавноста и други мерки.