Глобалната активност на спојувања и преземања (M&A) во 2021 година ги надмина претходните рекорди, бидејќи огромните количества капитал и високите вредности на пазарите го зголемија френетичното ниво на склучување на тие зделки.
Вредноста на спојувања и преземања го надмина нивото од 5.000 милијарди долари првпат досега, што е за 63 отсто повеќе од минатата година, на 5.630 милијарди долари до 16 декември, лесно надминувајќи го рекордот од 4.420 милијарди долари од 2007 година, пред финансиската криза, покажуваат податоците на „Дилоџик“.
– Корпоративните биланси се неверојатно здрави, со готовина која достигнува 2.000 милијарди долари само во САД, а пристапот до капитал сè уште е широко достапен по рекордно ниски трошоци, изјави Крис Руп, директор на одделот M&A за Северна Америка во JPMorgan.
Технологијата и здравствената грижа, секторите кои вообичаено имаат најголем удел на пазарот на М&А, повторно беа на чело во 2021 година, делумно поттикнати од заостанатата побарувачка од минатата година кога активноста на М&А падна на најниско ниво во последните три години поради глобалните последици од пандемијата на Ковид-19..
Вкупниот обем на бизнис во САД се зголеми речиси двојно во 2021 година, на 2.610 милијарди долари, според „Дилоџик“. Склучувањето зделки во Европа се зголеми за 47 отсто, на 1.260 милијарди долари, додека во Азија и Пацификот порасна за 37 отсто на 1.270 милијарди долари.