Вработените на АД Водостопанство бараат од Владата решение за платите, во спротивно најавуваат протести

Од:

Владата во најбрз можен рок да излезе со решение за платите на вработените во АД Водостопанство, побара денеска АГРО Синдикатот при Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и најави дека ако тоа не се случи, од понеделник ќе бидат организирани протести.

Вработени на АД Водостопанство и претпладнево излегоа пред Дирекцијата во Скопје, како и пред 14-те подружници на претпријатието низ земјава за да изразат револт – се уште не земале плата за јули, а неизвесно е, нагласија, и дали воопшто ќе земат плата до крајот на годинава.

-Тука сме за да изразиме револт и незадоволство поради неисплатената плата за јули. Иако е веќе 31 август и од утре почнува да тече рокот за августовската плата, ние се уште немаме земено плата за јули. Доколку денеска не се исплати платата, работниците на АД Водостопанство од утре ќе немаат ни здравствено осигурување, изјави претседателот на АГРО Синдикатот, Игор Китаноски.

Тој рече дека уште минатата недела испратиле допис до Владата за да се реши проблемот, но нивниот случај е препратен кај вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Засега, како што истакна Китаноски, се уште немаат одговор кога би биле викнати на средба со Битиќи и кога би имало пари за плата.

-Минатата недела, кога од директорот бевме информирани дека ќе нема средства за јулската плата и за неколкуте наредни месеци, писмено се обративме до Владата. Побаравме средба за да најдеме заедничко решение за исплата на плати. Од Владата добивме писмено известување дека нашето барање било разгледано и дека нашиот случај е препратен до вицепремиерот Битиќи. Во дописот нема конкретно решение како би се решил проблемот, ниту датум кога би имало пари за плата, ниту кога би имале средба. Во најбрз можен рок бараме од Владата да ни даде одговор за решение околу платите, за решение како до крај на годината работниците ќе земат плата. Во истиов момент, во 14 подружници се организираат протести. Ако во најбрз рок не добиеме одговор, ние, од понеделник, сите заедно, со Дирекцијата, ќе одиме на протест пред Влада и нема да мрднеме од таму се додека не не примат и не ни дадат конкретен одговор, потенцира претседателот на АГРО Синдикатот.

Според претседателот на синдикалната организација на АД Водостопанство, ситуацијата е алармантна зашто цените на храната драматично расте, а веќе почнува и школската година.

-Плата немаме земено за јули, а од утре веќе и за август. Во период кога цените драматично растат, кога не може луѓето да купат основни прехранбени произоди, а почнува и школската година па нашите вработени не можат ранчиња и прибор да им купат на дечињата, бараме Владата, како единствен сопственик на АД Водостопанство, итно да најде средства и да го реши проблемот со платите што поскоро. Ако тоа не го стори во разумен рок, за неколку дена, ќе се организираме на протести пред Владата, истакна претседателот.

АД Водостопанство е основано од Владата, а брои помалку од 500 вработени. И минатата година, потсети, имале проблем со платите, но Владата нашла решение.

-Зошто сме нерентабилни? Зашто цените на водните услуги се многу стари, повеќе од 10 години, а покрај другите параметри, во цената на водната услуга влегуваат и струјата, горивото, резервните делови, минималната плата. Цените ние сами не може да ги формираме, мора да ги одобри Владата. Имаше нешто донесено за зголемување на цените, не знам колкав е тој процент, но министерот за земјоделство Љупчо Николовски побара пролонгирање на цените и да важат од 1 јануари 2024 година, рече претседателот на синдикалната организација на АД Водостопанство.

Би можело да ве интересира

Вработените во авиокомпанијата Боинг стапија во штрајк за прв пат по 16 години

Што подолго без договор, поблиску до прекин на наставата-ниту законот на Груевски не може да спречи штрајк

Предраг Петровиќ

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Генерален штрајк во Израел: Судот нареди -веднаш престанете

Штрајкот на Пошта во мирување, се чека Владата за помирувачот да закаже состанок со новиот министер

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во Пошта протестираат: Не знаеме кога ќе земеме плата, 2000 вработени ќе останеме на улица

A1on