Во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде спроведена внатрешна ревизија со цел да се утврди како се спроведувало доделувањето под закуп на државното земјоделско земјиште.
Ќе се направи длабинска и опсежна анализа тргнувајќи од договорите склучени во 2016 година па наназад, а првите резултати се очекуваат до 31 декември годинава. Тимовите кои ќе работат на ревизијата ќе ги сумираат резултатите етапно и за тоа ќе ја информираат јавноста.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на прес-конференција рече дека поради обемноста на материјалите, ревизијата ќе трае подолг временски период. Ќе се анализираат 7.000 договори бидејќи постојат сознанија дека се направени злоупотреби.
– Променет е планот за внатрешната ревизија и дадени се сите овластувања од моја страна. Направени се сите неопходни состаноци со цел најтранспарентно да се одвива оваа активност. Од она што сум информиран ќе стане збор за длабинска и опсежна активност која ќе започне со ревизија на последните огласи коишто се спроведени, истакна Николовски.
Тој додаде дека има индиции за незаконски склучени договори и анекси.
– Веќе е покрената постапка и за раскинување на договори со илјадници хектари поради тоа што со години не е плаќан надомест за закуп, соопшти министерот Николовски.
Според податоците на Агенцијата за катастар за недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на државата изнесува 170 илјади хектари од кои под закуп се 100 илјади хектари.