Мора да воспоставиме систем за заштита на традиционалното производство и за поддршка на локалните производители. Законски решенија имаме, но не и позитивни резултати. Се уште само еден производ е регистриран со ознака за квалитет, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски пред потпишувањето Мемoрандум за соработка со националната организација Слоу фуд Македонија.
Во Македонија, додаде Николовски, се уште нема листа на традиционални производи со детален опис и историска поврзаност со регионите. Постои само Национална листа на автохтони земјоделски култури и раси добиток во која се евидентирани 410 автохтони растенија и пет автохтони раси животни.
-Македонски ајвар, лутеница, тетовски грав, македонска трушија, галичко сирење и кашкавал, се само мал дел од долгата листа наши, традиционални производи чие производство треба да го поттикнеме и заштитиме. Поддршката на локалното производство во голема мера може да влијае врз одржлив и економски развој на руралните подрачја што ќе значи и подобрување на условите за живот, истакна Николовски.
Според Слободен Чокревски од Слоу фуд Македонија, нашиот идентитет не е само во културното наследство – музиката, народното творештво, литературата, туку и во храната, но на овој сегмент многу малку се работи.
-Полека го губиме идентитетот. Свесни сме дека младите генерации се повеќе се на брза храна, се помалку има традиционални производи во продавниците. Ние имаме должност да ги заштитиме традиционалните македонски производи како наше културно наследство и тоа ќе го сториме. Многу малку е досега направено, многу малку ресторани ги служат традиционалните специјалитети и малку продавници ги продаваат, подвлече Чокревски.
Идејата е, дополни, традиционалните производи најпрво да се регистрираат за да добијат додадена вредност.
Чокревски сподели и интересен податок, дека од десетици илјади видови производи што порано биле консумирани во светски рамки, денес само 300 чинат 99 отсто од исхраната.
-Изминатите десет години собиравме информации за автохтоните производи и ги каталогизиравме во т.н. Арка на вкусови – светски каталог. Досега во Арката се 36 македонски производи кој брои околу 5.000 од целиот свет. Во процесот на евроинтеграција треба да посветиме повеќе внимание на синхронизацијата на законската регулатива и нејзина имплементација со доделување заштитени ознаки на традиционалните производи, нагласи Николче Николовски од Слоу фуд Македонија.
Пред потпишувањето на Меморандумот, Николовски на министерот му врачи примерок од Иницијалната листа на традиционалните производи во Македонија. Документот содржи 153 производи, мапирани ширум земјава, но подетално се опишани 51. Ова, оцени, е солидна бројка ако се земе предвид дека на ниво на ЕУ се заштитени околу 1.500 производи.
Министерот во оваа прилика потсети дека во новата Програма за рурален развој двојно е зголемена поддршката за промоција на македонските земјоделски производи дома и во странство, од 30 на 60 милиони денари, додека преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи планирани се средства за воведување заштитени ознаки за традиционални производи, отворање продавници за органски произоди, амбалажа на прерабоптки, изготвување маркетинг платформи,…