(ВИДЕО) Мицкоски: Владата одби да разговара за нашиот предлог за субвенција од 50% за трошоци на бруто плата

Од:

„Оваа вонредна состојба и оваа епидемија не е политика, не е политички натпревар, не е анкети, не е избори и не е партиски интерес. Оваа епидемија е загрозување на здравјето и животите на граѓаните, нивната сигурност и нивната економска и социјална егзистенција.

Политиката сега не е цел сама за себе, политиката сега мора да има само две цели: спасување животи и економска шанса за преживување од кризата.

И тука можам да кажам дека жалам за тесноградоста на Владата спрема укажувањата на стручната јавност и нашите апели. Во делот на здравството сите гледаме што се случува, нема да анализирам бројки, туку замолувам да тестираат многу, многу повеќе луѓе. Експертите велат дека така ќе спасиме повеќе животи“, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во делот на економијата, каде што со право се чувствуваме поискусни, со експертиза од претходни успешни економски политики и третирање на економски кризи, но и со човечкиот капацитет кој го имаме во нашата партија, сакам да и порачам на Владата: доста со политика и инает. Престанете со политика и не правете политика од се и сешто.

Ве молам послушајте што ние, професорите, синдикатите и коморите ви говориме.

Веќе кажавме дека досегашните мерки на Владата се задоцнети, нецелосни, нефер спрема сите компании и граѓани, во одредена мера збунувачки и нема да го дадат посакуваниот, а и возможен ефект.

Пред неколку денови сам се понудив да појдам во Владата и да ја дадам нашата стручна анализа и нашите предлози. И ќе ви кажам зошто ова го понудив затоа што гледам дека и треба помош на власта и гледам дека не само што има недостаток на искрена волја, туку тие и не ги разбираат работите што треба да ги преземат за да ја спасат економијата.

Навистина жалам што никој не најде доволно одговорност кај себе за да ја потисне непотребната политичка ароганција и да сослуша што ние предлагаме. А, знаеме повеќе, имаме повеќе луѓе од оваа област и имаме далеку поуспешно искуство од сите други. И ова не е време на суети.

Токму затоа пред неколку дена најавивме дека ќе поднесеме уредба со законска сила со која ќе овозможиме компаниите да добијат помош од државата во висина од 50 проценти на бруто трошоците за плата по вработен, односно највеќе до 27 илјади по вработен или последно исплатената просечна нето месечна плата за декември месец 2019-та година. И оваа помош не да важи само за месеците април и мај и да биде исплатена во месеците мај и јуни, туку да важи за месеците март, април и мај. И ваквите предлози се она што ние можеме да го направиме во овој момент од позиција на опозиција во државата. Да се понудиме искрено да ја подадеме нашата рака.

Но воедно чувствувам и должност да соопштам дека иако уредбата беше прописно доставена преку нашиот министер, технички министер за внатрешни работи г. Наќе Чулев. Техничкиот премиер Оливер Спасовски не ни дозволил да биде ставена на дневен ред на влада за да биде разгледана и да се отвори дискусија за истата. Со тоа владата ги лишува од директна помош компаниите и вработените за субвенција до 50 проценти за бруто плата по вработен или парична помош најмногу до 27 илјади денари по вработен. Со тоа директно за месеците март, април и мај во стопанството државата ќе инјектираше повеќе од 350 милиони евра“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Граѓаните да излезат на 8 ми мај и да гласаат, се работи за иднината на државата

ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти

Левица: Подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не ги донесеме уставните измени

СДСМ: Опасни се најавите на ДПМНЕ за блокада на европскиот пат на државата

ВМРО-ДПМНЕ: Народот сака промени, тоа го покажуваат 180 илјади гласа предност на Сиљановска пред Пендаровски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Државата е во хаос заради ДУИ и нивните измеќари од СДС