Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција изјави дека Македонија доживува економски фијаско, а денеска СДСМ се задолжува за нови 24 милиони евра, трет пат за само три недели.
– Од нова година наваму, расипничката власт го задолжи секое 4 члено семејство за 1.200 евра. Пари кои утре треба да ги враќаат нашите деца. Уште потрагично е што неспособната влада на СДСМ нема реализирано ниту еден инфраструктурен проект, ниту пак го подобрела стандардот на граѓаните. Државата се задолжува, а парите завршуваат по нечии џебови. Со месеци беа стопирани сите проекти, а ниту еден нов капитален проект не е отпочнат. Пензиите не само што не се покачија, туку се укина и предвиденото покачување од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Нема пари ниту за ветената просечна плата од 30.000 денари, ниту за плата од 100.000 денари за докторите. Нема пари ниту од ветениот поврат од 30-000 по основ на ДДВ, кој што Заев го ветуваше за секое четиричлено семејство на крајот на годината, рече Кузмановска.
Таа додаде дека за 8 месеци, откако СДСМ дојде на власт, земјата е задолжена за 1,3 милијарди евра, а предвиден е и досега најобемниот буџет со огромен буџетски дефицит, но со скоро никакви зголемувања во делот за капитални инвестиции.
– Ништо од ветените 5% годишен раст. Растот на економијата за првите три квартали е негативен. Трошоците на живот пораснаа за 1,4%, а цените на мало за 3,2%, во исто време кога просечната плата не се зголемува, што директно влијае на стандардот на граѓаните на неговото намалување а зголемување на немаштијата. Државата нема никакви изгледи за развој. Индустриското производство кое е мотор на економијата во август падна за 5.3%, рударството за 6.1%, а преработувачката индустрија падна за 8%. Ова потврдува дека економската слика на државата е катастрофално лоша со тренд на дополнително влошување, рече Кузмановска.
Таа додаде дека од друга страна, Заев, Анѓушев и Тевдовски не се откажуваат од луксузот и расфрлањето.
– Воведуваат нови функции и нови буџетски дополнителни трошоци. Сето тоа на товар на граѓаните. СДСМ со секој свој чекор во економијата удира по сиромашните. Државата се задолжува, економијата паѓа, куповната моќ на граѓаните е загрозена. Ова е билансот од осум месеци власт на СДСМ. Граѓаните се притиснати на дното, а државата и понатака ги турка кон дното, заврши Кузмановска.