Во изминатите месеци осум нови компании влегоа во фаза на реализација на своите проекти во Технолошко индустриските равојни зони. Вкупно планираните инвестиции се околу 73,5 милиони евра и планирано е отворање на над 1.500 нови работни места во наредните години, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Тој истакна дека сето тоа е направено со 0 денари трошок за промоција и меркетинг. За споредба, рече тој, во претходните 7 години привлечени се 23 инвестиции за кои беа потрошени 225 милиони евра. Анѓучев додаде дека Владата и Дирекцијата за ТИРЗ ќе работат напорно за доизградба на постоечките ТИРЗ, со цел да се овозможи нормално функционирање на компаниите кои реализираат инвестиции во зоните.
„Во многу од зоните пристапната и комуналната инфраструктура не е целосно изградена, и за оваа намена издвоени се над 400 милиони денари оваа година. Мора да излеземе од виртуелниот свет, да ги презентираме работите такви какви што се и да преземаме чекори за надминување на проблемите “, појасни вицепремирот.
Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Александар Младеновски, претстави повеќе информации за најновата најавена инвестиција во ТИРЗ Скопје 1.
„Станува збор за компанијата “’Саген ДООЕЛ’ од фармацевската индустрија која е со седиште во Тирана, Албанија. Висината на планираната инвестиција ќе биде во вредност од повеќе од 20 милиони евра и планира да отвори околу 300 нови работни места. Инвестицијата е поделена во три фази, а за нејзините потреби во ТИРЗ Скопје 1 закупена е парцела со површина од околу 28.000 квадратни метри“, рече Младеновски.