Државата ќе добие цели 121.000 евра годишно од Субрата Рој за закуп на 5.353 хектари замјоделско земјиште.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го објави Договорот за закуп на земјоделско земјиште склучен со индиската компанија „Сахара груп“ за агрокомбинатот „Џумајлија“.
Договорот кој се однесува на 5.353 хектари во вкупно 14 катастарски општини е склучен за одгледување земјоделски култури во период од 15 години.
Годишната закупнина е 121.000 евра.
„Сахара груп“ е обврзана годишно да произведува 75.000 тони сточна храна, да има најмалку 8.000 грла крави во првите 18 месеци и 20.000 за 3 години. Според Договорот, дневното производство на млеко треба да биде 80.000 литри.
Закупецот е должен да вработи 900 лица во првите 18 месеци, а за 3 години 2.000 до кога треба и да инвестира најмалку 200 милиони евра.
Индиската компанија треба да достави банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на Договорот во рок од 15 дена од денот на неговото потпишување.
Сопственикот на „Сахара груп“ Субрата Рој вчера во Охрид го презентира инвстицискиот план за „Џумајлија“. На прес-конференцијата присуствуваа премиерот Никола Груевски и министерот за земјоделство Љупчо Димовски.